Најстариот и најчитаниот весник во Никарагва „Ла Пренса“ вчера излезе со празна насловна страница во знак на протест поради тоа што Владата не дозволува увоз на мастило, хартија и други материјали за печатење весници.
– Можете ли да го замислите животот без информација? е наведено на насловната страница на „Ла Пренса“, при тоа жалејќи се дека Владата на левичарскиот претседател Даниел Ортега го попречува снабдувањето со материјали потребни за печатење веќе 20 недели.
– Не знам уште колку долго можеме да печатиме весници. Можеби уште два месеца, можеби само уште утре, изјави диркеторот на „Ла Пренса“, Жаим Чаморо.
Од април минатата година земјата минува низ најтешката криза од граѓанската војна во 80-тите години од минатиот век. Според Нигарагванскиот центар за човекови права, група која се наоѓа на владината црна листа, за време на протестите загинаа над 300 луѓе, а повеќе од 500 се уапсени.
Групите за заштита на човековите права наведуваат дека четири радио станици и една телевизија се затворени, а десетици новинари се претепани.
Д. Т.
Фотографијата е преземена од „Ла Пренса“