Со 131 глас „за“, Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) вчера го усвои Извештајот на грчката пратеничка Дора Бакојани, со кој се препорачува Косово да биде покането да стане членка на оваа организација. На Косово сега му останува само еден чекор за членство во Советот на Европа, а тоа е гласањето на министрите за надворешни работи на Советот во мај годинава.
Против гласаа 29, а воздржани беа 11 пратеници. Меѓу пратениците кои гласаа за извештајот се и двајца претставници од Македонија при Советот на Европа, Дарко Каевски од СДСМ и Арта Билали-Зендели од ДУИ, додека Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ не отпатува во Стразбур, како ни неговиот заменик Владо Мисајловски.
Од ДУИ реагираа дека ваквата одлука на ВМРО-ДПМНЕ има за цел да ја врати државата во состојбата од пред 2008 година.
Н. А.