Само заедно вклучени во процесите ќе постигнеме добри резултати, како што е и програмата со која од Вас, штипјани и штипјанки ја барам довербата, изјави кандидатот за градоначалник на Штип, д-р Сашко Николов, од редовите на СДСМ.
„Програмата „Во сигурни раце” нуди решенија за проблемите на граѓаните, за развој на градот, за еколошки чист град за што треба да придонесеме сите заедно. Борбата против загадувањето останува наш приоритет и за таа цел ќе се воведе нов режим на собирање на смет за што во функција ќе сè стават пет нови специјални возила за собирање смет“, изјави Николов.
Штип заслужува да биде во сигурни раце со одговорна општина која ќе направи се за да придонесе за чист воздух, потенцираше Николов.
„Покрај постоечките, ќе се постават дополнителни мерни станици кои ќе го мерат квалитетот на амбиенталниот воздух. Се обврзувам во мојот мандат, Штип да продолжи да биде отворена, услужна општина, општина на еднакви граѓани, општина со родова рамноправност. Штип заслужува и Штип може! И знам дека со вашата доверба и натаму ќе остане во сигурни раце!“, изјави кандидатот за градоначалник, Николов.
На прес конференцијата во населба Сењак присуствуваше и министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
Симона М. Живкова