Kандидат на СДСМ за градоначалник на град Штип, др. Сашко Николов, вчера го имаше своето прво обраќање за самиот почеток на изборната кампања. Тој категорично најави безбедна кампања без масовни собири и физички контакти.
Во своето обраќање истакна дека овој пат ќе се води една многу поинаква кампања од останатите и целата комуникација со граѓаните ќе се одвива преку социјалните мрежи и дигиталните алатки.
„Како иден градоначалник ќе ја вложам целата моја енергија за силен развој на градот и подобар животен стандард. Мои основни приоритети ќе бидат ефикасноста, експедитивноста и продуктивноста, редот и дисциплината преку кои моите сограѓани ќе ги почуствуваат благодетите на нашиот град“, нагласи Николов.
Во текот на вчерашниот ден беше претставен и кандидатот за градоначалник на Интегра, Симон Поликарп, кој заедно со лидерот на оваа политичка партија прошетаа низ градот Штип, делејки флаери и поздравувајќи се со граѓаните.
„Во Штип од денес па натаму се создава нова бајка и верувам дека граѓаните ќе излезат масовно да ми дадат поддршка. Ова е прилика ние да покажеме на целата јавност дека сме доволно политички зрели“, истакна Поликарп.
С.М.Ж