Потпретседателката на ДКСК, Катица Николовска за ЦИВИЛ Медиа вели дека кога се прават измени во законот со цел една група да добие одредени потреби тогаш се врши најтешкиот вид на корупција, односно тоа е системска корупција, бидејќи се навлегува во системот на којшто функционира државата.
ЦИВИЛ Медиа: Што е политичката корупција?
Николовска: Најчесто политичката корупција се поврзува со дејствувањата на високи државни фунционери од причина што кај нив е моќтта и можноста да вршат злоупотреба на јавната функција којашто им е доделена, и тоа, со цел остварување било да се работи за лични цели, било да се работи за партиски цели, било да се работи за потреби за пријатели, за одредена група на бизнис заедницата или на други облици на здружување. Во таа насока политичката корупција е на највисокото можно ниво на злоупотреба од едно овластување што може да биде доделено на едно лице. Како се намалува моќта на лицата кои што вршат јавни овластувања, директори итн., можноста за нивното коруптивно однесување е во помала форма.
ЦИВИЛ Медиа: Што е политичко финансирање?
Николовска: Политичкото финансирање се поврзува со обезбедување на финансиски средства за тековно работење на политичките партии, меѓутоа и за финансирање на изборните кампањи. Во Република Северна Македонија постои закон за финансирање на политичко финансирање и закон за работа на партиски истражни центри. Изборниот законик поединечно и попрецизно го регулира тоа, на кој начин и од каде можат политичките партии да обезбедуваат средства, посебно за своето работење, посебно за истражните центри и посебно за изборните кампањи.
Сите овие закони обезбедуваат на некој начин средства во најголем дел од буџетот на РС Македонија. Целта беше да се постигне да се намали можноста од корупција, од влијание во политичките партии ако се обезбедат повеќе буџетски средства, меѓутоа години наназад покажуваат дека нема такви постигнувања, корупција се уште постои, а верувам дека ќе постои и понатаму. Зошто го велам ова? Изборните процеси и периоди се толку интензивни и во тој период се бараат толку многу средства за една партија се доближи до своите гласачи, да ги пренесе своите цели и активности што сака да ги постигне во периодот кога ќе располага со власта, така што се контактираат сите можни бизнис заедници и се ветуваат многу работи за на крајот кога ќе се освои власта за да може тоа да се реализира.
Меѓутоа реализацијата е период којшто претрпува и постојат пречки пред сè од законски аспект. За да може да се реализираат ветувањата најчесто се чепка во измена на законите и тие измени се однесуваат на усогласување или овозможување на одредена целна група да ги оствари своите потреби. На пример во градежништвото, во областа на градежништво се менуваат урбанистички планови за градење, за располагање со градежно земјиште итн. Кога се прават измени во законот со цел една група да добие одредени потреби тогаш е најтешкиот вид на корупција, тоа е системска корупција бидејќи се навлегува во системот на којшто функционира државата. Да не биде само во делот на урбанизмот, може да биде и во делот на располагање со концесии, па се менуваат законите за концесии, закони за располагање со минерално богатство итн. Могу е тесна врската на политичкото функционирање на политичката корупција со редовното функционирање на државата, а сето тоа (зародиш) наоѓа во делот на обезбедувањето на средства за финансирање и на политичките партии, но и за изборните кампањи.
обработка на текст: Дехран Муратов
Биљана Јордановска
камера: Атанас Петровски
монтажа: Ариан Мехмети