Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски денеска одржа работна средба со министерот за земјоделство, шумарство и рурален развој на Косово, Фатон Пеци. Двајцата министри, на средбата, истакнаа дека ова е добра можност за унапредување на меѓусебната соработка, како и можност за меѓусебна размена на искуства и добри практики во развојот и модернизацијата на земјоделството, информираат од МЗШВ.
Преку Меморандумот за соработка помеѓу двете министерства на Северна Македонија и Косово, потпишан на заедничката седница помеѓу владите одржана во септември 2021 година, се регулира меѓуебната соработка и размена на искуства за ИПАРД програмите.
Република Северна Македонија, велат од Министерството, е земја лидер во регионот по искористеност на средства од ИПАРД програмите, со високи 95 проценти искористеност на средствата. Таквите резултати ги потврдила и Европската Комисија која од следната ИПАРД 3 програма ја зголеми за 62 отсто поддршката кон Северна Македонија. Министерот Николовски на средбата нагласил дека токму ова наше позитивно искуство сакаме да го споделиме, помагајќи им на институциите во Косово успешно реализирање на ИПАРД програмите и можностите за развој и модернизација на земјоделството кој оваа програма ги нуди.
Двајцата министри на средбата разговарале и за добрата меѓусебна соработка во делот на меѓусебната размена на земјоделско – прехранбени производи, како и за добрата соработка меѓу агенциите за храна и ветеринарство.