ВЕСТ НА ДЕНОТ
Таравари по средбата со Ковачевски во Влада: Ни штети тоа што ВМРО-ДПМНЕ веќе се натпреварува со Левица која е понационалистичка партија
Засега не е разговарано за влез во Влада. По изборот на претседател на партијата ќе го разгледаме тоа, изјави претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари по завршувањето на денешната средба со премиерот Димитар Ковачевски во Владата, пренесува МИА.
-Разговаравме за европскиот пат, борба против корупцијата, функционирањето на правната држава, европските закони што се блокирани во Собранието, за кои Алијансата цело време дава поддршка. Немаме официјални разговори за влез во Владата. Кога ќе има, ќе бидеме транспарентни и ќе го кажеме тоа, изјави Таравари и додаде дека во моментот нема ниту официјална, ниту неофицијална понуда.
Ги негираше информациите дека на маса се ставени бројни ресори што треба да бидат доделени на Алијанса за Албанците кога ќе влезе во Владата, но сепак, како што посочи, имаат нивни услови, ако евентуално започнат со преговори.
Таравари: Во власта ќе влеземе само ако нема предвремени избори
Во интервју за Фронтлајн.мк, Таравари пред денешната средба со премиерот Димитар Ковачевски истакана дека ќе стане дел од власта доколку се исполнат три услови. Како најважно Таравари истака дека бара гаранции дека нема да има предвремени парламентарни избори пред 2024 година. Како втор услов до Ковачевски, лидерот на Алијанса ќе побара самостојност, односно автономност во одлучувањето во ресорните министерства што ќе ги добијат… И како трето барање, е да има динамика тоа што ќе се договорат да се применува во пракса.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Министерката за одбрана, Славјанка Петровска го демантира пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки и бара да и се извини во рок од 24 часа за изнесените лага и клевети за наводно поседување имот во Радишани.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ЕКОНОМИЈА Министерот за економија, Крешник Бектеши, очекува во почетокот на декември да има намалување на цената на основните прехранбени производи од пет до 12 – 13 отсто. Ако нема толкаво намалување, како што рече денеска по средбата со производителите и со претставниците на најголемите ланци маркети, ќе се донесат новите мерки што произлегуваат од Законот за трговија.
ПОЛИТИКА Се што се зборува за денешната средба со в.д. претседателот на Алијанса на Албанците, Арбен Таравари и за влегување на партијата во Владата, е во делот на шпекулациите, оцени денеска премиерот Димитар Ковачевски.
ПРАВДА Собранието на РСМ едногласно го усвои Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета со кој се гарантира слободата на изразување, информираат од Министерството за правда.
„Ова е еден од најлибералните закони во Европа чиј клучен аспект е драстичното намалување на висината на казните на медимските работници за штетата предизвикана со навреда или клевета“, информираат од Министерството за правда.
ЕУ Европската унија денеска слави пет години од основањето на Европскиот столб за социјални права. На првиот Европски форум за вработување и социјални права, ќе биде направен преглед на постигнатиот напредок и ќе се разговара за тоа што треба да следи.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
Повеќе од 10 милиони Украинци во моментов се без струја, објави вчера вечерта претседателот на Украина, Володимир Зеленски, додека украинската армија објави дека енергетската инфраструктура на земјата е под постојани руски напади, пренесува Бриф.
*
СЛОБОДНА ЗОНА

Има разлика меѓу злоупотребата на јавните пари за политички цели и кампањите од јавен интерес. Со бришење на член 102 од законот за медиуми, ќе се пополни огромна празнина во јавната комуникација. Но јавните пари мора навистина да се трошат наменски и транспарентно, а не да служат за задоволување на апетитите на големите медиумски газди. Со други зборови, може јасно да се препознае дека дел од медиумите имаат добри барања, но од сосема погрешни причини. Таму е проблемот, не во можноста да се искористат јавните пари за кампањи од јавен интерес, пишува Џабир Дерала во колумната „Нашата планета не е рамна плоча! Груевизмот ги контролираше медиумите со јавните пари, време е да се користат за заштита на јавниот интерес“.
„Активната блокада“ што ја спроведува ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во работата на Собранието
од овој апскет е особено проблематичен пристап. Се доведуваат во прашање закони со што се
предизвикуваат сериозни ризици за реализација на мерките кои на граѓаните ќе им ги олеснат
деновите на неизвесност до надминувањето на кризата, а на земјоделците им се попречува
можноста да бидат чинители во тој процес од кој ќе имаат и директна финансиска добивка.
Еден таков закон е предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за земјоделство и
рурален развој доставен уште на 26 август 2021 година, пишува Зоран Бојаровски во анализата „Активната блокада“ на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието им ги попречува европските погодности на земјоделците.
Д. Муратов












