Државниот оператор за пренос на електрична енергија МЕПСО побара зголемување на тарифата за своите услуги од сегашните 0,3018 на 0,5966 денари за киловат-час, што претставува раст од 97,68 проценти. Барањето, поднесено до Регулаторната комисија за енергетика на 16 октомври, се однесува на тарифите што би важеле од 1 јануари 2027 година.
За следната година, компанијата бара регулиран приход од околу 3,39 милијарди денари, наспроти 1,88 милијарди денари одобрени за 2026 година. Истовремено, планираниот обем на пренесена електрична енергија е 5,68 милијарди киловат-часови, помалку од 6,24 милијарди киловат-часови предвидени за оваа година.
Конечниот ефект ќе зависи и од другите ценовни компоненти за 2027 година, вклучително и од цената по која ЕСМ ќе ја продава електричната енергија на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум. Рокот за доставување забелешки во постапката за тарифата на МЕПСО е 29 октомври.
Нова неизвесност има и за корисниците на централното греење во Скопје. Четири компании – ЕСМ Производство, ЕСМ Снабдување, ЕСМ Дистрибуција и „Енерџи Еколонг“, поранешна „Скопје Север“ – поднеле барања за корекција на цената на топлинската енергија.
Како главна причина за барањата се наведува растот на цената на природниот гас, кој има значително влијание врз трошоците за производство на топлинска енергија. Според пресметките на ЕСМ, цената на гасот за октомври е околу 60 проценти повисока од параметрите врз кои беше утврдена актуелната цена на парното.
Доколку РКЕ одобри нова корекција, тоа ќе биде трето поскапување на парното во 2026 година. Во јануари цената беше зголемена за пет проценти, а со одлуката донесена на крајот на јули, која се применува од 1 август, следуваше ново зголемување од речиси шест проценти.
Засега нема потврден процент на новото поскапување. РКЕ треба да ги разгледа поднесените барања и да утврди дали и во кој обем растот на трошоците го оправдува менувањето на цената.
ЦМ Деск
ПОДДРШКА ЗА ЦИВИЛ. ДОНИРАЈТЕ ДЕНЕСКА.
Ако го цените тоа што го прави ЦИВИЛ, поддржете ја нашата работа.
Вашата поддршка ни овозможува да известуваме, да ја одржуваме платформата за демократски дијалог, да објавуваме едукативни содржини, да се бориме против лагите и да ги браниме човековите права и слободата.
Поддржете го ЦИВИЛ. Донирајте ДЕНЕСКА.












