Сопствениците на ресторани за организирани прослави, на ноќни клубови, на фото студија и музичари денеска повторно протестираа и ги повторија нивните барања до Владата. Тие бараат укинување на забраната за работа и да работат по најстроги протоколи. Незадоволни се што не се вклучени во петтиот пакет антикризни мерки и бараат од Владата да направи посебен пакет мерки за нив.
Најавија дека од денеска ќе протестираат секој работен ден во Скопје и во другите градови, се до исполнување на нивните барања.
Повторија дека се единствените економски оператори на кои им е забранета примарната дејност од првиот ден на пандемијата и посочија дека од сопствени средства исплаќаат плати за вработените и плаќаат комунални трошоци, кирии, итн.
„Ние не работиме затоа што Владата има дадено забрана за вршење на нашата примарна дејност и поради тоа треба да ни помогне финансиски да ја надминеме пандемијата, се додека не почнеме повторно со работа. Будно ја следиме епидемиолошката состојба во државата и сме свесни за моментната ситуација, па поради тоа во првата фаза бараме да ни се дозволи да можеме да работиме под истите услови и протоколи, како и скратеното работно време како што работат сите останати а ла карт објекти“, беше истакнато на протестот.