На вечерашната седница, Владата на Северна Македонија донесе одлука од 16 август целосно да забрани работа и организација на секаков вид настани на затворено во сите угостителски објекти (и во кафетереии), вклучително и прослави во угостителски објекти регистрирани за прослави или друг тип објекти од затворен тип. Од 16 август исто така се воведува задолжителна потврда за извршена имунизација, најмалку прва доза, за лица над 18 години.
Имунизацијата ќе се проверува со задолжителна редарска служба при влез во објектите, вклучително и во угостителски објекти со повеќе од 30 присутни лица, за било каков настан (прослава, концерт, семинар, обука, работилница, конференција, културни или спортски настани). Потврдата за извршена имунизација – најмалку прва доза, се однесува на лица над 18 години.
До 16 август, сите угостителски објекти регистрирани за прослави смеат да работат на затворено, само со почитување на КОВИД-19 мерките, со исполнетост до 40% од капацитетот и најмногу 250 гости, согласно постојните протоколи кои се во сила. За ноќните клубови (дискотеки), кабареа, барови останува забраната за работа во затворениот дел од објектот, освен во отворениот дел (тераси) со 50% од капацитетот на просторот и ограничен број на посетители до најмногу 1.000 посетители, согласно постојните протоколи.
Воедно, Владата ги задолжи надлежните инспекциски служби во претстојниот период да ги интензивираат контролите со цел стриктна примена и почитување на превентивните препораки, времените мерки и наредените мерки по однос на КОВИД-19.
Од Владата апелираат и до граѓаните – да ги почитуваат постоечките и новите мерки крајно внимателно.












