Што е тоа што Мицкоски не сака да се дознае во јавноста за случајот „Рекет“? – е главното прашање што, во името на СДСМ, ги упати Костадин Костадинов на прес конференција. Тој упати нова серија крајно непријатни прашања на сметка на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ:
„Наместо да шири лажни вести, тој е должен да излезе пред јавноста и да одговори: Дали Орце Камчев, тајкун излезен од режимот на ВМРО-ДПМНЕ и обвинет во предмети на СЈО, е финансиер на изборна кампања на ВМРО-ДПМНЕ? Дали станува збор, за изборната кампања за последните претседателски избори? Дали знае да одговори Мицкоски колку тоа го чинело Камчев односно неговите фирми финансирањето на изборната кампањата?“ – праша Костадинов и додаде: „Одговор може да даде и генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев како потписник на сметката на партијата. Граѓаните, јавноста очекуваат одговори на овие прашања.“
Неодамна, преку социјалните медиуми, Костадинов му се обрати на Мицкоски со прашања, исто така, поврзани со случајот „Рекет“:
Мицкоски, не врти вода матна не е ова хидроцентрала, вистината е една. Наместо да бегаш од граѓаните излези и одговори на прашањата: Со кои двајца од луѓето кои се гледаат на објавената видео снимката се имаш сретнато? Дали и што си примил на рака? Дали со авторот на текстовите кои излегуваат во италијанскиот медиум Мицкоски си се сретнал во Будимпешта и дали му имаш нешто дадено? Јавноста има право да ја знае вистината. А за правдата од која толку многу се плашиш нека не ти биде полна устата. Нема да ја срушите со сценарија, обиди да ги претставите како жртви тајкуните и да ги спасите. Од прв до последен, одговорност ќе има“ – напиша Костадинов на 10 август годинава.
Конкретни одговори на овие прашања сѐ уште нема.