Специјалното јавно обвинителство најави отпочнување на седум нови постапки против вкупно 17 лица, кои се сомничат за злоупотреба на службена положба и овластување, измама во службата и други злоупотреби.
Кодните имиња на нивите предмети кои ќе ги истражува правниот тим на СЈО за првпат не започнуваат на буквата „Т“, тие се крстени: „Странски служби“, „Друмарина“, „Рентген“, „Продуцент“, „Лидери“, „Тарифа 2“ и „Транспортер 2“.
https://www.facebook.com/civil.mk/videos/1502251346559996/
Обвинителката, Фатиме Фетаи објасни дека истрагата „Странски служби“ е отворена против две лица, извршувач и поттикнувач, поради сомнение дека сториле кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“. Еден од осомничените тогаш бил началник на Одделот за оперативна техника во УБК.
Во „Друмарина“ поранешна пратеничка се сомничи за измама во службата за надомест за службени патувања и пријавување на лажни сметки од патарини.
„Рентген“ се однесува на поранешен министер за здравство, Никола Тодоров кој во 2012 година при јавна набавка за радиолошка опрема за 4 здравствени установи фаворизирал една од фирмите учесник во постапката. Во оваа постапка се споменува и една позната новинарка.
„Продуцент“ се однесува на периодот од 2009 – 2012, под сомнение дека тогашниот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство спротивно од законот за јавни набавки направил злоупотреба на службената положба и овластување и финансирал изработка на ТВ емисија.
„Лидери“ се однесува на договарање на политика за рушење на бесправно изграден објект, изграден од 2011 – 2013, при што осомничено е лицето кое што се појавува како инвеститор.
„Тарифа 2“ е продолжение на „Тарифа“, во врска со сомнежи за злоупотреба при имплементација на ЕРП софтвер во ЕЛЕМ.
„Транспортер 2“ е продолжение на „Транспортер“, а се однесува на превозот на ученици во Битола. Се води против 10 осомничени.
Во своето излагање, Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, најави дека предметите „Скопје 2014“, „Актор“ и „Космос“, од неодамна се во рацете на Специјалното јавно обвинителство, односно овие предмети ги преземале од Обвинителството за организиран криминал.
М.Ивановска