Во пресрет на прославата за Илинден, на социјалните мрежи се множат повиците за паралелна прослава од таканаречени патриотски групи.
Повици за „вистинските Македонци“ да дојдат на Мечкин Камен и да ги исвиркаат „северџаните“. Меѓу ваквите повици има и говор на омраза и јавни закани упатени кон премиерот Заев. Еден профил кој го носи името Васил Чулев бара куршум во чело за Заев.
Од Министерството за внатрешни работи потврдија дека една закана на социјалните мрежи е идентификувана и процесирана. Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика поднесе кривична пријава против В.З. (67) од Скопје, за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“ по пат на информатички систем. На 25.07.2019 година, на социјалната мрежа Фејсбук, пријавениот преку своето корисничко име, објавил коментар со заканувачка содржина кон премиерот, информираше МВР.
Министерот Спасовски уште вчера најави дека се превземат мерки за прославата да биде безбедна и да се чува јавниот ред и мир.
Арбен Зеќири