пишува: МИРЈАНА НАЈЧЕВСКА
Написот им го посветувам на пратениците од новиот собраниски состав и министрите во новата влада од кои очекувам наместо минато и идно време, да се концентрираат на сегашното.
Објавено во ДНЕВНИК, 2007 година
Минатото не може да го менуваме. И покрај сите наши настојувања и несекојдневни напори тоа упорно останува исто и непроменето, постојано и препознатливо (иако често различно прикажувано и интерпретирано).
Можеме да го сакаме и можеме да го мразиме, можеме да го прифаќаме или пак да го одрекуваме, можеме да се гордееме со него или да се срамиме и да жалиме, меѓутоа, минатото не можеме да го измениме. Од минатото може да се извлечат поуки, во минатото се нашите корени, од минатото не можеме да се откачиме, но минатото не можеме одново да го живееме. Минатото има свое место, минатото не треба да се заборави, минатото треба да се знае, меѓутоа, минатото завршило, а ова што го чувствуваме се само неговите последици.
Иднината е онаа одвај видлива треперлива точка на хоризонтот, иднината се расфрлените звуци кои што може, но не мора да станат песна, иднината е прв нацрт во нечија глава. Меѓутоа, таа нема цврста форма за која што можеме да се фатиме и на која што можеме да се потпреме. Иднината е многузначна, таа е составена од неброено мноштво раскрсници, во себе ги содржи сите замисливи алтернативи, меѓутоа, таа се уште не претставува погодно место за живот. Иднината има свое место, во неа треба да се верува, кон неа треба да се стреми, таа треба да не раководи, до неа треба да се стигне, меѓутоа, иднината е плод на семето кое што допрва треба да го посееме.
На овие простори нешто многу значајно упорно им бега на луѓето од вид. Тие многу настојчиво, со многу жар и себевнесување се обидуваат да ги живеат минатото и иднината (во исто време или пак наизменично, зависно од моменталната инспирација), а на крај памет не им паѓа да се обидат да ја живеат денешнината. Денешнината се прифаќа како некаков конечен извод на минатото, несакан продукт и мизерен резултат или пак, како претсобје на иднината, бришач на кој што треба да ја оставиме калта и чисти да влеземе во убавото утре (или барем задутре), многу проодно место во кое не вреди човек да се задржува премногу (најверојатно заради провевот).
Грандиозното минато (убаво или неубаво не е важно, важно е единствено да биде грандиозно) и недефинираната иднина (не е важно дали е убава или неубава, важно е да е нејасна и треперлива) ја обезвреднуваат конкретноста на сегашноста. Таа е толку прозаична и ординерна, толку е ситничава и приземна. Во неа не може да се лета на крилјата на мислите, туку мора да се градат соодветни справи, во неа не може да се лулкаш на краевите од пушлестите облачиња на празните зборови, туку треба длабоко да се загази во калта на секојдневното р’мбачење, во неа не може да се водат бескрајни расправи, туку треба да се преземе одговорноста за секоја одделна активност. Меѓутоа, нејзе може да ја живееш. Сегашноста можеш да ја почуствуваш, може да ја мириснеш и да ја вкусиш, може да ја градиш и да ја обликуваш, а може и по глава да те акне ако не внимаваш.
Тоа што се случува на овие простори е најпримитивно, варварско, сурово жртвување на денешнината на некои мрачни богови од минатото и нејасни облици на иднината. Измцварена, искасапена, непрепознатлива, таа е изложена на некаков глупав олтар и во текот на помпезна свеченост уништена.
Сите го заобиколуваат надуениот труп, одбивајќи дури и човечки да го закопаат, и го продолжуваат напевот на молествијата на боговите на минатото и на иднината (во меѓувреме будно внимавајќи некој да не се издвои од масата, спремни отпадникот во истиот момент да го повлечат назад).
За тоа време светот околу нас ја живее денешнината. Сади, одгледува, гради и обликува. Ситно, поситно, најситно, чекор по чекор, педа по педа, ја претвора сегашноста во иднина заобиколувајќи ја нашата мрачна дупка во која што огромни резерви на енергија попусто исчезнуваат во експлозиите на меѓусебното судрување, во која што клокоти и врие од емоции и страсти попусто претворени во отровни издишувања, во која што има место само за големи човечки маси и нивните големи страдања, а нема место за индивидуата и нејзината мала среќа.