Во рамки на Самитот на „Отворен Балкан“ во Охрид, лидерите од регионот, иницијаторите премиерот Димитар Ковачевски како домаќин, неговиот албански колега Еди Рама и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, како и гостите, Дритан Абазовиќ, премиерот на Република Црна Гора и Зоран Тегелтија, претседавач на Советот на министри на Република Босна и Херцеговина, во своите обраќања истакнаа дека за земјите од регионот е многу важна соработката и заедничкото дејствување, почитувајќи ги вредностите на Европската Унија.
Премиерот Ковачевски во своето обраќање подвлече дека иницијативата „Отворен Балкан“ е успешна и носи опипливи резултати за граѓаните, кои се реализација на досега потпишаните спогодби.
„Отворен Балкан веќе ги дава првите резултати за граѓаните и за стопанствениците. Зелената лента за транспортни возила на граничните премини Ќафасан и Табановце овозможува значително побрз проток на камионите кои превезуваат земјоделски производи или храна. Внимателно следиме како се одвива протокот, дали и каде има застој. Нашите институции се во постојана комуникација со крајна цел на овие зелени ленти целосно да ги отстраниме меѓуграничните рампи и бариери“, посочи Ковачевски, за погодностите од трилатералниот договор потпишан меѓу Северна Македонија, Србија и Албанија подвлекувајќи дека заеднички лидерите се залагаат за намалување на контролите и бирократијата и преку зголемување на довербата меѓу институциите на трите држави.
Истакнувајќи дека бенефитите и резултатите се веќе видливи, премиерот Ковачевски посочи дека благодарение на Договорот за заедничко дејствување за време на природни и други катастрофи, соседите ѝ помогнаа на Северна Македонија со навремена интервенција во текот на пожарите минатата година.
„Цела Европа, и ние земјите од регионот, се соочуваме со сериозни последици од воената, енергетската, економската и здравствената криза. Во вакви услови ние сме си природно упатени едни на други. Конечно, ние се разбираме, се помагаме едни со други и најважно, после долго време, имаме заедничка цел: Заедно да одиме напред!“, потенцираше Ковачевски.
„Отворен Балкан, како ново, амбициозно и динамично регионално поврзување доби силна и едногласна поддршка од деловните заедници на сите земји од Западен Балкан. Тие се согласија дека Отворен Балкан е платформата која му е потребна на регионот. Им благодарам на стопанските комори што се нашиот ветер во грб, наш партнер и мотиватор, што многу добро знаат да пофалат кога добро работиме, но и да најдат соодветен начин на критика за да се подобруваме онаму кајшто можеби сме забавиле“, порача Ковачевски од Охрид во обраќањето пред лидерите и гостите на Самитот на Отворен Балкан.
„Отворен Балкан заеднички ќе го промовираме како регионална атрактивна туристичка дестинација.
Денес лансираме нова соработка и во областа култура. Се договоривме за креирање Заеднички календар на културни настани што ќе донесе поголема мобилност на публиката и ќе ја поттикне културната размена. Очекувам да го зголемиме бројот на фестивалски настани во регионот, што ќе значи повеќе содржина за нашите граѓани и поголема атрактивност на регионот“, рече Ковачевски кој како придобивка за олеснување на прекугранично движење на луѓе, стоки или услуги го спомена и Меморандумот за разбирање за соработка на даночните администрации меѓу земјите од регионот.
„Нашата политичка цел е јасна и единствена – Западен Балкан мора да стане дел од Европската Унија. Местото на секоја земја од регионот е во Европската Унија. По тој пат одиме. Заедно се европеизираме“, рече Ковачевски, нагласувајќи „Отворен Балкан“ е за интеграција, за отворени можности, за слобода, за олеснување и за давање придобивки на сите граѓани.
Српскиот претседател Вучиќ заблагодарувајќи му се на еврокомесарот Вархеји, за кој како што подвлече со своето денешно присуство ја изразува поддршката на Иницијативата Отворен Балкан подвлече дека трите земји лидери покажаа дека немаат никакви нерешени билатерални прашања освен да бидат пријатели и да соработуваат во полза на сите граѓани.
Притоа, Вучиќ ги повика земјите од регионот да учествуваат во работата на работни групи кои летово ќе се состанат и ќе разговараат за тоа како да се надминат проблемите со обезбедување храна и обезбедувањето на електрична енергија.
Вучиќ подвлече дека е потребно забрзување на сите процеси и тоа денеска со потпишување на меморандумите и договорите се докажува, во насока на обезбедување на проток на луѓето, стоките и услугите.
Албанскиот премиер Рама во своето обраќање подвлече дека војната во Украина покажа дека иницијативата Отворен Балкан е нужност и потреба земјите од регионот да соработуваат меѓу себе, во поглед на обезбедување на храна и совладување на енергетската криза.
Рама изрази задоволство од присуството на претставници од САД и ЕУ, како и гостите од Црна Гора и БиХ, кои ја покажуваат поддршката и со тоа Отворен Балкан го оправдува своето постоење, што е многу важно и од што бенефити најмногу имаат граѓаните од земјите на регионот.
И Црногорскиот премиер Абазовиќ, нагласи дека земјите од регионот се свртени кон иднината не гледајќи во минатото и нагласи дека од Црна Гора, Отворен Балкан има подадена рака.
Тој нагласи дека за потребите на сите граѓани од регионот е потребно да соработуваат сите лидери на регионот и заеднички да соработуваат за економски развој и остварување на европските интеграции.
Во рамки на Самитот, ќе бидат реализирани повеќе договорени соработки, со потпишување на конкретни меморандуми и договори за соработка.
Со Договорот за соработка во полето на взаемно признавање на дипломи и научни звања издадени во високообразовните институции и други овластени институции во трите земји, ќе се забрза постапката за прифаќање на дипломите и професионалните компетенции, што е уште еден чекор повеќе кон заедничкиот пазар на трудот.
Со Меморандумот за разбирање за соработка во областа на туризмот заеднички ќе биде промовиран регионот како атрактивна туристичка дестинација.
Една од целите на Меморандум за соработка во културата е креирање на Заеднички календар на културни настани што ќе донесе поголема мобилност на публиката и ќе го поттикне културниот туризам.
Со Меморандумот за разбирање за соработка на даночните администрации меѓу земјите од регионот се создава нова можност за полесно прекугранично движење на луѓето, стоките или услугите.