Владата на Република Северна Македонија на денешната 150 седница ја разгледа и усвои информацијата за покачување на платите во основното, средното и високото образование за 5% почнувајќи од исплата за септември 2019 година и го задолжи министерот за образование и наука Арбер Адеми да ги потпише Спогодбите со Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) за реализација на предвиденото покачување на платите.
Со оваа одлука Владата дополнително го задолжи министерот за образование и наука да изготви решение за новите коефициенти за покачување на платите и кај јавните високообразовни установи и јавни научни институти за 5%, почнувајќи од исплата на платата за месец септември 2019 година.
На предлог на Министерството за образование и наука, на седницата се разгледа и усвои информацијата и даде позитивно мислење за основање на ново општинско основно училиште „Киро Глигоров“ во Општина Центар, кое првите генерации ученици ќе ги прими во текот на претстојната учебна 2019/2020 година.