Кандидатот за градоначалник на Скопје, Зоран Јовановски, на овие локални избори ќе настапи како независен кандидат, односно како член на ВМРО-ДПМНЕ, кој е само формално правно поддржан од политичката партија Единствена Македонија.
Тој е познат по своите залагања за поблиски односи со Русија и Кина. Неговата визија предвидува збратимување на Скопје и Москва, доведување најмалку 15 инвеститори од Русија и тројца од Белорусија, како и иницијатива за економска соработка со овде земји.
„Како што знаете, на овие локални избори ќе настапам како независен кандидат, односно како член на ВМРО-ДПМНЕ, кој е само формално правно поддржан од политичката партија Единствена Македонија“, објави Зоран Јовановски на социјалната мрежа Х, на која е познат како „СТВАРАЛАЦ начитан Брсјак и бич божји@ZoranJovanoski3“.
Лидерот на Единствена Македонија, Јанко Бачев на Фејсбук ја започна кампањата со спонзорирано видео на Фејсбук од средбата во јануари 2025 во руската амбасада во Скопје, меѓу Јовановски и рускиот амбасадор Сергеј Александрович Баздникин.
„Кандидатот за градоначалник на Скопје Зоран Јовановски нагласува дека ќе му помогнат контактите за реализирање на генералните програмски определби: Скопје и Моска збратимени градови; најмалку 1 бизнисмени од Русија, и најмалку 3-ца од Белорусија кои ќе инвестираат во градов; развој на македонско-источно славјанското пријателство, Скопје град преполн и со туристи од Русија, Белорусија, Украина. Исто така конкретни мерки за убав, достоинствен и квалитетен живот во Скопје кои наскоро ќе бидат детално изложени. Локални избори 2025. Цела Македонија Единствена Македонија!“, објави Бачев.
Кандидатот за гадоначалник на Скопје, Јовановски во промотивното видео кој го спонзорира Бачев, завршува со зборовите: „Среќна Нова година и Божиќни празници“.
Јовановски „во програмата“ ветува „зближувањето со братска Русија“, доколку стане градоначалник на Скопје.
„Доколку станам нов градоначалник на Скопје зближувањето со братска Русија ќе оди лесно, како и реализацијата на програмата, а особено оној дел од програмата кој што се однесува на пријателство со Русија.
Но и доколку не станам нов градоначалник на Скопје, а ако остварам добар резултат, исто така правиме голем успех. Но зошто? Па затоа што, што повеќе гласови добијам, ме качуваат мене едно општествено скалило погоре (од досегашново), а тоа ќе значи многу поголема моја понатамошна политичка сила за пробив во највисокото раководство на ВМРО-ДПМНЕ, и тоа ќе биде многу посилна алатка во моите раце, за во иднина одвнатре да влијаам на надворешно-политичкиот курс на партијата, со внес во највисокото раководство на партијата и на мој кадар, а тоа се членови на ВМРО-ДПМНЕ кој што сакаат пријателство и развој на односите и стратешко партнерство и со братска русија, но и останатите големи сили од истокот!“, вели Јовановски.
„Независниот“ кандидат всушност не ни крие дека неговата цел не е да победи на локалните избори за да го подобри животот на скопјани, односно да има подобра инфраструктура во градот, повеќе пакови и зеленило, редовен и нов јавен превоз, чиста околина и незагаден воздух…, туку да може високо да се позиционира во ВМРО-ДПМНЕ за да може да влијае државата да се зближи, според него, со „братска Русија“.
Дехран Муратов во соработка со ТИМОТ НА ЦИВИЛ ЗА МОНИТОРИНГ НА ХИБРИДНИ ЗАКАНИ (ЦХТМ)