Апелациониот суд ја одложи седницата на која требаше да се расправа дали бомбите ќе се користат како докази во случајот „Тендери“ за утре. Причината за одложувањето е отсуството на судијката Лилјана Ивановска Шопова поради службени обврски.
Случајот се однесува на градежните работи за изградба на Музејот на македонската борба.
На седницата не се појавија ниту првообвинетата, односно поранешната министерка за култура Елизабета Канческа – Милевска, како и Лидија Лазаровска – Цветковска и Јулијана Угриновска.
Пред речиси еден месец, советот кој го оценува обвинителниот акт, по барање на адвокатите на обвинитите, прифати снимките кои не се објавени во јавноста, да не бидат доказ во постапката.
Досега, снимките од прислушуваните разговори се прифатени како докази во предметите „Насилство во Центар“ и „Триста“, а отфрлени во предметите „Титаник“, „Тенк“, „Тифани“ и „Тревник“.