Психијатар од регистерот на вештаци во петок ќе се изјасни дали обвинетиот за случајот „Триста“, Ѓоко Поповски може да го следи процесот. Кривичниот суд одлучи да ги повика лекарите, откако и денеска обвинетиот преку неговите бранители побара одложување на главната расправа со образложение дека освен што трпи болки поради болеста, страда и од депресија. Судечкиот совет ќе го сослуша и лекарот којшто му отворил боледување, за да му појасни каква е неговата здравствена состојба.
„Обвинетиот е под терапија од која најголем дел се наркотици, односно лекови против болки и депресија. Од овие причини тој не може да формира своја одбрана пред судот“, рече одбраната која побара одложување на рочиштето се додека Поповски не заврши со примање на терапијата.
Специјалната обвинителка, Фатиме Фетаи, се противеше на предлогот за одложување на рочиштето. Рече дека со документите што ги доставува, одбраната не прецизира на колкав рок бара одложување, и не се знае кога обвинетиот ќе се чувствува психички стабилен за да се признесе за вината.
Помошникот министер во МВР, Ѓоко Поповски е обвинет од Специјалното јавно обвинителство, за случајот „Триста“, за незаконска набавка на 300 возила за потребите на македонската полиција, со што го оштетил буџетот за 453.570 евра.
Д.М.