Од почетокот на рускиот напад врз Украина до 31 март загинаа 1.276 цивили, соопшти канцеларијата на Високиот комесаријат за човекови права во Женева (ОХЦР), пренесува МИА.
„ОХЦР верува дека бројот на убиени е многу поголем, а информациите од некои области каде што се водат интензивни борби доцнат и многу податоци чекаат потврда“, се вели во документот на ОН.
Агенцијата при ОН наведува дека повеќето луѓе загинале од експлозивни направи, поточно гранатирање и ракетирање.
Меѓу нив има 260 мажи, 184 жени, 36 момчиња, 18 девојчиња, додека полот на 61 дете и 717 лица се уште не е познат.
Потврдено е и дека досега се ранети 1.981 цивил.
Меѓу загинатите е и сопругот на вицепремиерката на Украина за европски и евроатлантски интеграции Олха Стефанишина, кој е убиен во руското гранатирање, објави на социјалните мрежи украинската пратеничка Лесија Василенко.
Богдан Стефанишин беше убиен пред два дена за време на руско гранатирање додека се обидуваше да ги евакуира цивилите од Чернихив.
“Вчера плачев повеќе отколку во сите други 36 дена од војната. Сопругот на мојата колешка Олха Стефанишина беше убиен. Тој загина како херој, обидувајќи се да евакуира цивили од Чернихив. Незамислива трагедија”, напиша Василенко на Твитер.