На панел дискусијата на ЦИВИЛ на тема „Постизборни анализи и оценки“, Сашо Орданоски, вели дека хакерски напад на ДИК е веројатно од надвор, бидејќи нашата земја нема таков капацитет. Орданоски направи паралела со нападот на Слободен печат, но во тој период и други медиумски платформи, како што беше и ЦИВИЛ, при крајот на 2019 година. Како што вели Орданоски, за среќа се работи за 3480 избирачки места, па рачното пребројување и сумирање на резултати не е проблем, доколку да речеме таков напад се случеше во Америка и да треба да се пребројуваат илјадници и илјадници гласачки места.
Орданоски се фокусираше на текот на изборната кампања, како дел од учесниците се претставија и како тоа би можело да влијае во понатамошниот постиборен тек на формирање Собрание и Влада.
„Ми се чини дека опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ја имаше најслабата кампања од кога и да е. Не само што беа определени во речици 90 отсто во негативна кампања, туку дека и таа беше правена на еден многу приземен начин. Главно едно прилично ниско изведена негативна кампања.
СДСМ и коалицијата имаше една просечна кампања, ништо специјално. По мој вкус лоша, но во една класична предизборна, позитивна, во еден тон што навестуваше дека имаат некаква надеж.
Кај албанските партии видовме еден ингениозен потег на ДУИ, којшто сега е прашање дали нема да им се врати како лоша одлука, бидејќи ја дигнаа толку високо пречката во сопственото вклучување во идната Влада, што сега практично се негоден соговорник за создавање коалиција со кој било од двете страни со кого би можеле да се согласат да прават коалиција, бидејќи на другата страна ситуацијата е многу компликувана за да можат да прифатат премиер Албанец, каква што беше идејата на ДУИ. Ова на ДУИ му донесе мобилизација, многу вешто смислен потег. Јас мислам дека кога ќе дојде време за постизборно преговарање за Влада, ДУИ всушност ќе приговара за нешто друго. Да речеме следниот претседател на Македонија да се бира во Собрание и да биде нивни кандидат… Постои можност ДУИ во тригодишна фаза да се откаже од тоа, но немајте сомневање дека тоа дебело ќе се наплати во политичка смисла. Сето ова под претпоставка дека ДУИ ќе биде неопходен за формирање на Влада.
Не е мала мобилизацијата што ја направи Алијансата, мислам дека и тие имаат еден релативно пристоен резултат.
Сакам еден коментар да направам за Левица. Според оние истражувања што јас имав прилика да ги видам, каде што Левица никаде не беше позиционирана на така висок број на гласови, колку што евентуално доби… Левица има поддршка од една генерација на луѓе кои што во наголем дел се израснати и се политички, па ако сакате и идеолошки формирани за време на автократијата на Груевски. Тоа се луѓе релативно помлади меѓу дваесетина и триесетина години, најголем дел од нив. Тие луѓе не знаат што е демократија, бидејќи тие се формирани во едни авоткратски, технократски, не само македонски, би рекол и глобални услови каде што типови како Путин, Трамп, Ердоган доминираат. Тоа се луѓе што не памтат ништо од социјализмот, па според тоа не знаат што би можело да биде левица и како би требало да изгледа тоа Кога ќе го видите слоганот на Левица, а тоа е државата и народот и не знам што, тоа се практично идеолошки компоненти кои немаат врска со Левица. И кои што имаат врска, напротив со десница. И тоа онака баш тврда десница. А заради настапите на нивниот лидер би се рекло и една радикална десница.
Господинот Апасиев кој најверојатно ќе влезе во Парламентот искористи прилика да се промовира за овие избори како еден исклучително радикален, и онака нихилистички, национал-социјалист по своите идеолошки сфаќања.
Прашањето дали на СДСМ повеќе ќе му одговараше да оди самостојно, во голема коалиција ама не со Беса или вака како што е, со Беса, и тоа ќе мора да го видиме откако ќе ги видиме резултатите. Бидејќи е можно е Беса да освоеше повеќе пратеници, па по изборите да правеа коалиција, но на тој начин прашање е дали СДСМ ќе беше победник на изборите.
Јас го гледав и г-н Мицкоски на прес конференција, тие се во истиот пародичен филм дека се победници на изборите, дека тие се победници во македонскиот дел од гласачкото тело, па според тоа се победници и треба да го добијат мандатот, бидејќи ќе го отвораат Уставот каде што ќе редефинираат дека Македонија е држава на Македонците… тоа само кажува дека таму нема да има промени во раководството, дека Мицкоски, дури и да не формира Влада, не е во ситуација да си поднесе оставка и дека таму ќе продолжи едно вриење, ќе видиме со кои последици, со нивна реална надеж дека на локалните избори ќе освојат далеку подобри резултати, а нема да им биде тешко затоа што на претходните локални избори, 90 % од градоначалничките места ги доби СДСМ, што секако не е одржливо“, изјави Орданоски.
Б. Јордановска
камера и монтажа: Ариан Мехмети












