Основен кривичен суд – Скопје нема да му суди на поранешниот претседател на овој суд, Владимир Панчевски по предметот за злоупотреба на службената положба и овластување. По овој предмет, со решение на Апелацискиот суд – Скопје за надлежен за постапување се определува Основниот суд Велес, јавува МИА.
– Апелацискиот суд – Скопје до Основниот кривичен суд – Скопје достави решение со кое советот на второстепениот суд, постапувајќи по предлог на судија – поединец од Кривичниот суд за пренесување на месна надлежност и определување друг суд кој ќе постапува по предметот К.бр. 1292/19 оформен по поднесен обвинителен предлог на ОЈО – Скопје против В.П. за кривичното дело Злоупотреба на службена положба и овластување, согласно член 27 ст.3 в.в. ст.4 од ЗКП го уважи предлогот, соопшти денеска Кривичниот суд.
Второстепениот суд, како што е наведено во соопштението, утврдил дека обвинетиот е судија во конкретниот суд и со цел да се исклучи секакво сомневање во непристрасноста на првостепениот суд што би можела да влијае врз перцепцијата за објективноста на судот, како и согласно член 6 од Европската конвенција за човекови права, постојат причини за пренесување на стваранта надлежност.
„Со решението на Апелацискиот суд – Скопје, Основниот суд Велес се определува за стварно и месно надлежен суд да постапува по конкретниот предмет“, соопшти Основниот кривичен суд – Скопје.