Од 8 до 12 април ќе се одржи десеттото, јубилејно издание на Интернационалниот театарски фестивал на независната продукција „Лица без маски“
Фестивалот што ќе се одржи под мотото „Остави трага!“, ќе го отвори политичката сатира „Претстава со четири актери, неколку свињи… и така натаму“, во режија на Блерта Незирај.
„Во официјалната натпреварувачка програма, се селектирани седум претстави кои кореспондираат со начелата и принципите на фестивалот. Претставите од годинешната програма во најголема мера се критика на општествениот миг во кој живееме ние луѓето, без разлика на која страна од светот. Претставите од официјалната програма се движат на самата линија на ‘кафканијанството’ и ‘орвелизмот’. Очигледно е тоа со претставата од Косово, како и со ‘Фармата’, во изведба на италијанскиот театар ‘Софија Амендолеа’. Тука се и гостите од Русија, ’32. Физички театар’ од Таганрок , кои годинава доаѓаат по вторпат во Скопје и ќе настапат со ‘Ноќта на огнот’, бугарската монодрама ‘Сè на масата’, работена според делата на Чарлс Буковски, а во режија на Ана Батева, дела кои конечно, третираат горливи актуелно-општествени теми на едно пошироко, глобално ниво. Среќни сме што годинава во програмата имаме и македонски независни продукции. Тука се и бескрупулозната ‘Да ми го поздравиш и бациш’, на театарот ‘Артопија’, ‘Скршената стомна’ на ‘Интимен театар’ од Битола и ‘Прво ќе ме земеш, после ќе ме…’, на Театар ‘Крик’ од Скопје“, истакна селекторот на фестивалот, Игор Ивковиќ.
Како и во изминатите години, така и на јубилејното 10. издание, претставите ќе ги оценува тричлено жири, кое ќе ги додели наградите за најдобра претстава во целина, за најдобра режија и за најдобро актерско остварување.
По повод јубилејот, фестивалот ќе организира и придружна програма со работилници и музички концерти.
Фестивалот ќе се одржи на сцените на Драмскиот театар, Театарот „Комедија“, Домот на АРМ и на „Малата сцена“ при ЈУ Конгресен центар „Александар Македонски“ во Скопје.