Исклучително висок процент на родители кој се движи помеѓу 82% и 96% прифаќаат младите да изучуваат теми кои се дел од сеопфатното сексуалното образование, покажува истражувањето на невладината организација ХЕРА.
Најголема согласност од 95% е изразена во делот на заштита од насилство врз жените, сексуалното насилство и насилство на социјалните мрежи, услуги и медицинска помош при ризик од сексуално преносливи инфекции и ХИВ, заштита од несакана бременост и други. Најмала заинтересираност родителите покажале во давањето на согласност на партнерот/ката при влегување во прв сексуални однос.
Етничката припадност на родителите нема значајно влијание за воведување содржини за сексуално образование. Родителите од македонска етничка припадност, прифаќањето за овие образовни теми се движи помеѓу 90% и 97%, додека кај родителите Албанци е нешто помала и изнесува 81% до 95%.
Истражувањето на ХЕРА покажува и дека третина од родителите ги поддржуваат традиционалните улоги на мажите и жените во општеството, а речиси ист толкав процент дека мажите првенствено се одговорни да заработуваат за семејството. За повеќе од половината испитаници, хомосексуалноста е општествено неприфатлива. Истражувањето на организацијата е направено во текот на јули годинава, по пат на телефонска анкета, на примерок од 800 испитаници.
Пред два дена, Владата ја прифати информацијата на Министерството за образование за воведување пилот програма за сеопфатно сексуално образование во 9-тиот степен на основното образование и тоа во 4 училишта. Од Илинденска информираа дека две од училиштата каде ќе се тестира програмата ќе бидат две во урбана, едно во рурална средина и едно училиште каде мнозинство ученици се од малцинските етнички заедници. Пилот проектот се планира да започне во 2021-та година. Но, како што велат од невладината ХЕРА, покрај изразената политичка волја, и порачуваат на Владата веќе следната буџетска година да одвои пари за ефикасно спроведување на програмата.
П. Клинчарски