По 18-дневна целосна блокада од грчките земјоделци, граничниот премин „Богородица – Евзони“ на македонско-грчката граница, е делумно деблокиран. Како што соопштуваат од АМСМ, блокадата од трактори од грчка страна е отстранета.
Поради штрајк на грките земјоделци, од 30-ти јануари преминот Евзони беше затворен за секаков вид сообраќај. Официјално, сè уште течат преговорите со грчките земјоделци и се очекува тие да преземат други мерки за изразување на нивниот револт, откако не им успеаја преговорите со грчката Влада.
По средбата со вицепремиерот Драгасакис, фармерите не добија решение на повеќето барања, но Владата се обврза да достави до парламентот на гласање некои олеснувања во даночната и осигурителна програма.
Според медиумските извештаи, на грчка страна, тракторите сé уште се паркирани, но таму нема луѓе и едната лента од меѓународниот автопат е слободна за сообраќај на интервентен превоз со автомобили и камиони.
Министерството за надворешни работи на Македонија, вчера, по речиси три недели блокада испрати протестна нота до Грција.
Блокадата создаде огромни проблеми за товарниот превоз за македонската индустрија, но и на солунското пристаниште кое беше преполнето со контејнери со производи за македонските компании, па и за и македонските и странските туристи.