Иако предвремените парламентарни избори завршија и веќе е започнат процесот на фромирање Влада, а парламентарците ја одржаа својата прва седница, по улиците и на патиштата можат уште да се забележат рекламните паноа и билборди, како и висечките реклами за изборите. Може да се забележат и изборните плакати, но во помал обем.
Изборни измени во Изборниот законик беа внесени во февруари 2020, за потребите на предвремените парламентарни избори, што во тоа време беа закажани за 12 април. Најголеми промени имаше во делот за политичкото платено рекламирање. Сепак, ниту според Изборниот законик, ниту според упатставата за постапката за распределување на рекламните паноа и билборди, не стои обврска за отстранување на рекламните паноа и билборди.
За ЦИВИЛ Медиа од Државната изборна комисија изјавија дека е оставено на доброволна основа на оние што стопанисуваат со нив.
„Обврската за отстранување на рекламните паноа и билборди за политичко рекламирање не е регулирана ни со ИЗ, ни со Упатство за распределба на рекламни паноа и билборди, ниту со некој друг пропис или акт.
Изборниот законик, на пример, предвидува дека Договорите за платено политичко рекламирање со радиодифузерите, електронските и печатените медиуми содржат, меѓу другото, и јасни податоци за периодот на рекламирање, како и дека мониторинг за ова врши ААВМУ.
Во Изборниот законик не се спомнати договори со правните лица кои стопанисуваат со рекламни паноа и билборди, туку само нивна обврска за доставување на Извештаи (до ДИК, ДЗР и ДКСК) со податоци за локации и наплатени средства.
Според неофицијална информација, бидејќи не постои законски рок за отстранување на политичките паноа и билборди, правните лица кои стопанисуваат со рекламни паноа и билборди, истите ги отстрануваат при поставување на нова реклама (од економски причини – на еден трошок). Евентуално, информација за тоа дали рокот за отстранување на политичките паноа и билборд е предвиден во самите договори и кој е тој рок, би можело да се побара директно од субјектите кои стопанисуваат со нив, односно од општините и Градот Скопје“, изјави за ЦИВИЛ Медиа, Сандра Гавриловска, адвокатка и членка на Експертскиот борд на ЦИВИЛ.
Според едно истражување на ПИНА, пак, за општина Тетово, се извлекува заклучок дека висечките рекламни паноа се сива зона во политичкото платено рекламирање и некој не дава дозвола за нив, ниту го контролира нивното поставување и отсранување. Како што се вели во прилогот ниту Општина Тетово дала дозвола за нивно поставување, ниту пак некој пријавил во СВР Тетово за непрописно поставување на рекламен материјал.
Според Изборниот законик единствена обврска на учесникот во изборна кампања, според член 79, е должноста во рок од 30 дена по завршување на изборите да го отстрани сметот од плакатите. Доколку извештајот не се поднесе на време Изборниот законик, член 184, став 3, предвидува казна во износ од 10.000 евра во денарска противвредност на правните лица кои стопанисуваат со рекламните паноа и билборди доколку извештајот од член 78-а, став 12, не го достават до надлежните институции и во определениот рок. Казна има и за одговорното лице во правното лице и тоа во износ од 30%.
Биљана Јордановска