Вчера околу 18:30 часот, во автобусот со број 53 се качија контролори на ЈСП да прегледуваат билети, меѓутоа покрај билети, само од 5-6 млади лица (со потемен тен, и кои зборуваа албански јазик) еден од контролорите (веројатно Македонец) побара да се симнат од автобусот бидејќи не носеле заштитни маски, а дел од нив немаа ниту билет. По кратка вербална расправија ги симнаа во Трубарево. Што е сосема во ред, доколку некој не носи маска и нема билет да биде соодветно казнет.
Но, во истиот автобус имаше и други лица (со бел тен, и кои зборуваа македонски јазик) кои исто така не носеле маски, меѓутоа не беа симнати од автобусот, иако еден од контролорите (најверојатно Албанец) инсистираше да се симнат од автобусот, но добија поддршка и помош од останатите патници кои им дадоа маски (што не беше случај со останатите симнати патници). По неколку станици тие повторно ги извадија маските и така патуваа до Катланово.
Во истиот автобус беа и контролорите на ЈСП кои патуваа до Катлановска Бања, меѓутоа не реагираа како во случајот со младите лица кои ги симнаа во Трубарево.
За ваквата расна и етничка дискриминација од страна на конторолорите на ЈСП побаравме официјален став од ЈСП, но до објавување на текстот не добивме одговор на емаил како што побараа да им испратиме.
Став побаравме и од Град Скопје, но и од таму не одговорија на нашето прашање кое им беше испратено преку електронска пошта.
Дехран Муратов