Во Велешкиот суд денеска продолжи судењето за поранешниот претседател на скопскиот Кривичен суд, Владимир Панчевски, обвинет за за злоупотреба на службена положба за распределувањето на предметите преку АКМИС системот.
Панчевски, кој од 15 јули е во затворот Шутка, откако сам се пријави, изјавил дека не можел да ја подготви одбраната затоа што немал доволно време во текот на викендот и повторил дека не го разбира обвинението.
„Доказите ги видов во петокот кога увидот траеше до 17 часот. Преку викендот не се видов со бранителите и затоа не сум во можност да ја подготвам одбраната“, рекол Панчевски пред Судот и повторил, исто како на петочното рочиште, дека не го разбирал обвинението. Неговите адвокати и денеска побараа да му биде укинат притворот, бидејќи имале информации дека тој се уште е вработен во Основниот суд Скопје 1 и се уште има имунитет на судија, пренесува МЕТА.
Поради тоа што Панчевски се изјаснил дека не го разбира обвинението, судијката Валентина Ѓоргиевска повторно накратко му го образложила обвинителниот предлог, но Панчевски сепак, не можел да се изјасни дали се чувствува виновен.
Судењето продолжило со сведочење на неколку судии, поранешни колеги на Панчевски, кои денеска писмено се пожалија дека податоци за нивната работа се извлечени од АКМИС системот.
„Судиите Весна Димишкова и Славица Андрeева писмено се пожалија дека податоци за нивната работа се извлечени од АКМИС системот и не соодветствуваат со реалноста“, сведочеше денеска поранешниот претседател на Кривичен суд Скопје, Стојанче Рибарев, во процесот против неговиот поранешен колега и претходник на истата функција, Владимир Панчевски.