Центарот на Сараево е под полициска опсада за да се обезбеди непречена Парада на гордоста во овој поделен град. ЛГБТИ заедниците се дискриминирани и според законот, но и во секојдневниот живот. Овој настан денеска има протестен карактер, а основното барање е да се почитуваат основните човекови права и слободи на сите подеднакво, па така и на, како што ги нарекуваат, сексуалните малцинства.
За разлика од порано, кога ги затвораа очите пред насилството, оваа година сараевските кантонални власти и полицијата се целосно кооперативни. Голем број специјални полицајци се распореден насекаде низ центарот на градот, а властите понудија целосна заштита на сите што денеска ќе маршираат во центарот на Сараево.
„Ima izać“ (има за излегување) е слоганот на првата Парада на гордоста во оваа земја која страда од етничка и верска поделеност, во која доминираат конзервативните сфаќања за семејството и бракот.
Поворката на гордоста ќе тргне во 11 часот денеска, кај монументот „Вечниот оган“, по улицата Маршал Тито и ќе заврши пред босанскиот парламент, според рутата што ја објавија организаторите. Најавени се околу 500 учесници.
На денешната парада ѝ претходеше Марш на традиционалните семејни вредности кој се одржа вчера. Подготовките на Парадата на гордоста се придружени со голем број закани по животот на организаторите, говор на омраза на социјалните мрежи и закани од радикалните структури. Денешниот настан е оценет како високо ризичен.
Фондацијата Хајнрих Бел од Германија, чија канцеларија во Сараево вчера прослави 20 години од основањето, ја поддржува оваа иницијатива. Претставници на македонски граѓански организации, меѓу кои и ЦИВИЛ, се дел од активностите за одбележување на 20-годишнината на канцеларијата на Фондацијата, но во знак на поддршка, ќе бидат и дел од поворката на гордоста денеска во Сараево.
Џабир Дерала
од Сараево
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста. Повредата на авторските права е забранета со закон. Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.