Собранието на денешната 31. седница ќе избира претседател и членови на Државната изборна комисија и на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
Парламентарните партии кои освоија најмногу гласови на минатите избори СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ до претседателот на Собранието доставија инфомации со поддршка за кандидатите за членови на Државната изборна комисија (ДИК). До Кабинетот, до 10 часот не беше пристигнат официјалниот предлог од Алијанса на Албанците.
СДСМ информирала дека ја дава поддршката на Борис Кондарко и Радица Ристеска, кои се актуелни членови на Комисијата, како и на Оливер Ристовски, поранешен заменик министер за правда.
ВМРО-ДПМНЕ веќе соопшти дека професорот Александар Даштевски ќе го предложи за престедател на ДИК, а поддршка дадоа и за Бобан Стојаноски, кој работи како правник во Собранието.
ДУИ ја поддржала кандидатурата на Дитмире Шеху, актуелен потпретседател на ДИК, која е предложена да остане на оваа функција.
Алијанса на Албанците, која е во коалиција со Алтернатива, според партиски извори, ќе го поддржи Кренар Лога, правник од Струга.
Претседателот на Парламентот Талат Џафери синоќа закажа нова пленарна седница, откако вчера Комисијата за прашања на изборите и именувањата ја утврди листата на кандидати за членови на ДИК. Џафери потоа оваа листа со имињата на 14 -те пријавени кандидати ја достави до партиите кои треба да се изјаснат кого ќе поддржат.
Имињата на поддржните кандидатури од страна на партиите треба да бидат утврдени на седница на Комисијата за прашања на избори и именувања што е закажана за 11 часот, а потоа старо-новиот состав на ДИК треба да биде изгласан на пленарната седница закажана за напладне. Составот на ДИК треба да биде изгласан со двотретинско мнозинство.