Центарот за граѓанска иницијатива е граѓанска организација која работи во нашата држава и регионот веќе 22 години, а последниве неколку години нивната работа е поврзана со поддршка и помош на жртвите од родово базирано насилство.
„Проектите кои ги реализираме во последните неколку години се наречени „Акции против родово базирано насилство“ , поддржани се од Германската амбасада во Скопје. Во текот на оваа година, особено од почетокот на јануари, имаме планирано повеќе различни активности, меѓу кои освен што даваме бесплатна психолошка и правна поддршка за жртвите на родовото базирано насилство, истовремено во соработка со локалните самоуправи од општините Прилеп и Долнени, сме во процес на изработка на еден акционен план за превенција и поддршка на жртвите на родово базирано насилство. Идејата е да се направи една анализа на моменталната состојба во општината, да се види со кои ресурси се располага во општината како локална самоуправа и кои ресурси може да ги употреби како превенција и заштита на жртвите“, вели Кристина Павлоски од Центар за граѓанска иницијатива од Прилеп.
Кристина вели дека тој акционен план треба да биде готов до крајот на месецот и дека се надеваат дека ќе биде даден на усвојување во плановите на општината за следната година.
Случаите за родово базирано насилство се пријавуваат во Центарот за социјална работа и во полиција, а Центарот за граѓанска иницијатива има остварено долгогодишна соработка со нив.
„Тие на нас ни ги реферираат жртвите, за да работиме дополнително со нив и да им обезбедиме психолошка и правна бесплатна помош“, додава Кристина.
Кристина вели дека бројката на пријавени случаи за родово базирано и семејно насилство се зголемува од година во години, што според неа значи дека луѓето стануваат свесни за проблемот со кој се соочуваат и се одлучуваат да бидат гласни за тоа.
„Во текот на 2018 година беа пријавени околу 250 случаи на родово базирано и семејно насилство, меѓутоа досега, во првите 5 месеци од 2019 година, има пријавени 80 случаи и според тоа, веројатно бројката оваа година би била зголемена“, додава таа.
Ангела Петровска
Камера: Атанас Петровски
Монтажа: Биљана Јордановска












