Педесет лекари, сестри и болничари во ГОБ „8 Септември“ се во изолација поради позитивен тест на коронавирусот, потврди за Слободен печат директорот на установата доктор Христијан Костов.
-Немаат симптоми, но сепак се позитивни и мора да останат во изолација до завршувањето на периодот, изјави тој.
И на Инфективната клиника во Скопје околу 15 лица од медицинскиот персонал се во изолација поради позитивен ковид тест и речиси да не постои болничка установа во внатрешноста без медицински кадар кој е изолиран поради потврден позитивен тест на вирусот.
Комисијата за заразни болести предложи, а владата прифати изолацијата за асимптоматските пациенти да биде намалена од досегашните 10 на 7 дена после што решението за изолација од Државниот здравствен и санитарен инспекторат ќе престане да важи.