Претседателот на државата, Стево Пендаровски вели дека медиумите не треба да дозволат државата да ги регулира, туку медиумите сами да се регулираат.
„Немојте да дозволите државата да ве регулира. Тенденцијата на политиката е да замолчува медиуми, така е во целиот свет, по можност помалку да ти каже. Задачата на новинарите е да прашуваат и да инсистираат да добијат одговор. Ако медиумите чекаат државата да им го регулира законот за медиуми, тогаш ќе се добие рестриктивен закон“, истакна Пендаровски, на Националниот форум на Цивика мобилитас кој се одржа на 16 октомври во хотел Александар Палас во Скопје.
Тој додаде „ако вие еснафските медиумски здруженија не се самоорганизирате – ќе ве самоорганизираат“.
Пендаровски посочи дека е добар и позитивен чекор тоа што Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) промовираа регистар на професионални онлајн медиуми – „Промедиа“. Регистарот на онлајн медиуми ќе и помогне на јавноста да ги разликува професионалните медиуми од оние кои шират пропаганда и лажни вести. Иницијативата за регистарот во кој има 67 членки, е поддржана и од Стопанската Комора на Македонија.
Дехран Муратов
Видео извор: Цивика мобилитас