Откако претседателот на Собранието, Талат Џафери на денешната седница информираше дека Тодор Петров ја повлекол иницијативата за собирање потписи за одржување на нов референдум за името, Петров, ја демантираше веста.
Претседателот на Светскиот македонски конгрес Тодор Петров обвини дека претседателот на Собранието Талат Џафери манипулира со јавноста, бидејќи при констатацијата дека тој ја повлекол иницијативата за собирање потписи за нов референдум за името, не појаснил дека во Собранието има две иницијативи. Петров е дециден дека не се откажува од нов референдум за името.
„Џафери манипулира со јавноста, бидејќи не објасни дека има две иницијативи за собирање 150.000 потписи за референдум за името. Првата иницијатива која до Собранието ја доставивме на 24 декември беше оценета како неуредна. По ова на 9 јануари доставивме нова иницијатива со повеќе од 170 потписи собрани во подрачните единица на Државната изборна комисија, која собраниските комисии за политички систем и Законодавно правната ја оценија за уредна. Побарав од Џафери денеска да присуствувам на собраниската седница како овластен предлагач на иницијативата, но без никакво образложение не ми беше дозволено. Не се откажувам од иницијативата за нов референдум за името“, изјави Тодор Петров.
М. И.