Министерката за одбрана, Славјанка Петровска денеска во Министерството за одбрана, се сретна со амбасадорот на Чешката Република, Јарослав Лудва, информираат од миностерството за одбрана.
На самиот почеток на средбата, министерката Петровска му посака успех во работата на новопоставениот амбасадор Лудва во Северна Македонија и упати честитки и за новопоставената министерка за одбрана Јана Черночхова.
Петровска изрази благодарност за гласната и конзистентна поддршка на Чешката Република за нашето членство во НАТО како и за поддршката за приклучувањето на Северна Македонија во Европската унија.
„Република Северна Македонија и Чешката Република имаат одлична билатерална соработка и подготвени сме да ги продолжиме сите започнати процеси и да ја збогатиме соработката преку реализирање на заеднички вежби, размена на искуства и соработка во модернизацијата“, рече министерката Петровска.
Амбасадорот Лудва и ја честиташе на Петровска новата одговорна позиција, министерка за одбрана, и изрази заложба за продолжување на интензивната и успешна билатерална соработка во одбраната.
Двајцата соговорници се согласија дека таа соработка ќе се продлабочи со нови иницијативи во размената на експертиза, во обуките и образованието на одбранбените сили, како и во областа на модернизацијата на одбраната.