Од 30 октомври, граѓаните на Турција повторно мора да влегуваат во Црна Гора со визи, како епилог на неколкудневни инциденти, говор на омраза и антитурска хистерија во Подгорица, пишува ДВ на српски.
Антитурските протести и маршеви поминаа со повици „Убијте го Турчинот“, „Турците надвор“ и „Турчинот нема да шета во градот“, што е казниво според црногорскиот закон; премиерот Милојко Спајиќ не се осврна на тоа иако полицијата ја следеше толпата. Во истата ноќ Спајиќ објави дека ќе се вратат визите за турските државјани, иако повеќето од странците осомничени за иницијалниот конфликт се Азербејџанци.
Тој рече дека безбедносниот сектор „реагираше како што треба“ и ги заштити „граѓаните од сите националности, религии, идентитетски профили и сите државјанства“. Истовремено беа приведени уште осум лица поради физички напади врз странци или ширење омраза на социјалните мрежи, а опозицијата оцени дека државата „не го положи испитот“.
Што се случи и како ескалираше
Искрата беше тепачка меѓу неколку црногорски и странски државјани; околностите се уште се утврдуваат. Ранет е млад подгоричанец. Иако прво беа посочени Турци, полицијата уапси тројца Азербејџанци и еден Турчин.
Странците имале нож, а од снимките се гледа дека и еден локален жител држел предмет — властите сè уште истражуваат што било тоа. Подоцна, еден Турчин и еден Азербејџанец, обвинети за обид за убиство, беа пуштени да се бранат од слобода заради недостиг на докази. Паралелно, дел од владините политичари подгреаја атмосфера со дезинформации — дека во земјата има 110.000 Турци (официјално 13.500) — и наративи дека „Турција сака повторно да го освои Балканот“ и дека е во тек „неоотоманизам“. Приливот на Турци последниве години ги зголеми кириите и цените на недвижностите и дел од услугите, но тие не извршиле повеќе кривични дела од другите странци во просек; потешки дела сториле и државјани на Србија, Русија или Украина, без улични протести.
Nakon napada na mladića u Podgorici, za koji se sumnjiče državljani Turske i Azerbejdžana, izbili su antiturski protesti uz parole mržnje. Neki turski lokali ostali su zatvoreni nakon vandalizma. Dok jedni traže oštriju migracionu politiku, drugi pozivaju da se ne stigmatizuje… pic.twitter.com/4dm5eoM6KH
— DW Balkan BHS (@dw_balkan) October 29, 2025
Последици: економија и имиграциски мерки
Турските вложувачи имаат значајна улога: во првите осум месеци од годинава се први по странски инвестиции со над 92 милиони евра — околу една петтина од вкупните. Тие поседуваат околу 14.500 компании (околу 1 од 5). Од вкупно 2,8 милиони патници на двата аеродроми лани, 560.000 (20%) се поврзани со летови меѓу Црна Гора и Турција.
По воведувањето визи, првиот ден од Турција пристигнале не повеќе од 40 патници. Големи хотелиери предупредија на откажувања и директен удар врз туризмот, еден од клучните сектори.
Спајиќ призна дека е „лудо“ за туристичка земја да порачува дека некој не е добредојден — „економско самоубиство“ — но додаде дека нема да дозволи злоупотреба на традиционалното гостопримство. Полицијата последниве денови поинтензивно протерува или укинува престои поради прекршувања; од почетокот на годината тоа им се случило на речиси 3.000 странци.
Владата најави построг Закон за странци: без вработување црногорски државјани нема отворање компании, а условите за престој и работа ќе бидат порестриктивни. Сето ова ќе стане дел од нова имиграциска политика по години, според многумина, на занемарување — или дури користење на приливот на капитал за полесно полнење на буџетот.
Д. Т.











 
			
 

 
 
 
 
