Сирени за воздушни напади утрово ги разбуди повеќето градови во Украина, јави Би-Би-Си.
Малку по 6 часот по локално време сирени се огласија во повеќе од 15 региони и многу градови во Украина. Според Бгнес, предупредувањето се слушнало и во главниот град Киев, заедно со клучните градови како Одеса, Суми, Харков и Дњепар, пренесува МИА.
Дњепар беше еден од градовите кои утрово беа гранатирани од руска страна, но градоначалникот Бориј Филатов информира дека украинските системи за противвоздушна одбрана успешно го одбиле нападот. Како што јави „Киев Индипендент“, во нападите нема жртви.
Државната служба за вонредни ситуации на Украина соопшти дека утрово во Киев се пријавени два пожари кои избувнале како резултат на гранатирање.
Погоден е магацин за складирање замрзната храна во регионот на Киев по што се запалил. Службата соопшти дека пожарот е локализиран и гаснењето сè уште трае.
Оперативниот координативен центар на Главната дирекција на Државната служба за вонредни состојби на Украина во Киев потоа добил дојава и за пожар кој избувнал на улица во областа Подолск во главниот град. Погодена била административна зграда чиј покрив се запалил. Пожарот е изгаснат.
Украинскиот северен град Чернигов утрово повторно беше цел на руски напади, а ситуацијата во опколениот град секој ден се влошува, јави Би-Би-Си Украина.
Со оглед на тоа постојано се гранатира и е цел на воздушни бомбардирања, во градот се целосно прекинати снабдувањето со гас, топлинска енергија и вода.
Залихите кои луѓето ги собрале наскоро ќе се потрошат. Струја има само во неколку области, а поголемиот дел од градот е без светло и комуникациите се прекинати, јавија локалните медиуми.
Хуманитарни коридори утрово ќе бидат воспоставени за североисточен град Суми, соопшти градоначалникот Дмитри Живицки во објава на Телеграм.
Според Живицки, напорите за евакуација кои ќе започнат во девет часот по локално време вклучуваат возила кои ќе заминат од шест дестинации низ регионот.
Сите конвои ќе се упатат кон централниот град Полтава и се очекува да пристигнат за неколку часа.