По долги преговарања и несогласувања, со опозиција надвор од Собранието и протести пред пратеничкиот дом, конечно долго очекуваните уставни измени се изгласаа со 81 глас „за“ и ниту еден против.
Собранието ги усвои четирите уставни амандмани предвидени со Преспанскиот договор. Со прифаќање на амандманите 33, 34, 35 и 36 тие стануваат дел од Уставот.
„Република Македонија“ со амандманот 33 се заменуваа со „Република Северна Македонија“, а зборот „Македонија“ се заменува со зборовите „Северна Македонија“, освен во член 36.
Со прогласување на уставните амандмани се усвои и уставниот закон со кој се регулира државјанството како „македонско – граѓанин на Република Северна Македонија“.
Претходно седницата се одложуваше од 12 часот, додека траеа преговорите меѓу Владата како предлагач на уставните измени и партијата „Беса“ на Биљал Касами. Крајната одлука беше барањата на „Беса“ да бидат земени предвид во други законски решенија, но да не влезат во Уставот.
Барањата на „Беса“ на Касами и на Алијансата на Албанците се поклопуваа околу Преамбулата, односно за предлог амандманот 34, каде според нив се издвојуваше македонскиот народ од другите.
ВМРО -ДПМНЕ континуирано продложија со приказната дека се врши притисок врз пратениците да гласаат. Нивниот став дека со уставните промени ќе згасне македонскиот идентитет и дека власта работи против националните интереси не се промени.
Од потпишувањето на Преспанскиот договор на 17 јуни 2018, тензичноста кон конечната одлука постојано растеше. Освен опозициската ВМРО -ДПМНЕ што го искористи целиот овој период за протести, паралелно тоа го направија и Единствена Македонија, Тврдокорни, како и „Бојкотирам“, што своите активности против уставните измени ги интензивираа пред и по Референдумот во 2018.
Референдумот кој беше консултативен, помина со протести и црни кампањи, но сепак се оцени како демократски, од едната страна и неважечки и незаконит, од другата страна.
Протестите конитунуирано продолжија, а не застанаа ниту во последните три дена. Секој ден околку стотина граѓани протестираа повикувајќи на оставка на премиерот Зоран Заев, одбрана на уставноста на државата и сочувување на македонскиот идентитет и јазик.
Осумтте одвоени пратеници од ВМРО – ДПМНЕ ги поддржаа уставните измени. Пред гласањето на денешната, пресудна седница, Канческа Милеска дури и ги обвини доскорешните сопартијци на лажен патриотизам, со оглед на нивното отсуство од пратеничкиот дом и упорното инаетење да бидат запомнети како дел од овој историски процес.
Христијан Мицкоски, пак, конечната одлука на пратениците за промена на Уставот, ја оцени како нелегитимна и насилна, сметајќи дека 81 глас на пратениците не се гласови на целиот македонски народ. Реториката на ВМРО – ДПМНЕ, како и на останатите противници на Преспанскиот договор не се промени, постојано се зборуваше на Македонија на македонскиот народ, изоставувајќи ги останатите народности.
Во своето обраќање повика и на предвремени парламентарни избори, што би се одвивале паралелно со претседателските избори во мај годинава.
Претседателот на државата, Ѓорѓи Иванов, не го поддржуваше Преспанскиот договор. Дури и во годишното обраќање во Собранието, тој им посочи на пратениците дека не ја испочитувале волјата на народот што, како што изјави била јасна и недвосмислена.
Од силните патроти се јави и екс -премиерот, осудениот и пребегнат, Никола Груевски, кој на својот фејсбук профил загрижен за иднината на Македонија, ,рече дека со својата одлука мнозинството во Собранието става „црн печат“ на една 140 годишна крвава битка за македонското национално прашање. Крајно, „патриотски“ и дијаспорски од негова страна.
Како и да е, Владата честиташе, честиташе и меѓународната заедница, но овој дел од процесот е на половина завршен. На потег е Грција. Со желба, по можност, одлуките да се носат брзо и позитивно и за двете земји.
Биљана Јордановска