Дури ни руските медиуми под строгата контрола на Кремљ не можеа да ја прикријат катастрофата на Кримскиот мост утрово. Руската агенција РИА јави дека резервоар за гориво експлодира рано изутрина на мостот што го поврзува рускиот регион Краснодар со Крим.
„Денеска, во 06:07 часот, на патниот дел од мостот Крим од страната на полуостровот Таман, беше разнесен камион, што предизвика палење на седум цистерни со гориво на железнички воз кој се движеше кон полуостровот Крим“, руската државна агенција РИА Новости го цитира Националниот антитерористички комитет (НАК).
Но руските извештаи кажуваат само дел од вистината, што е напредок, бидејќи вообичаено ги прикриваат фактите во целост. Ден по неговиот роденден (7 октомври), 70-годишниот Путин доби „честитка“ од Украина – го урна неговиот мост со кој се симболизира руската агресија која трае од 2014 година.
Украинските воени извори јавуваат дека цистерните за гориво горат на мостот, како последица од нападот на украинските воздухопловни сили.
„Утро на Кримскиот мост. Се запалија резервоарите за гориво. Уништен е дел од патот! Сѐ ќе биде Украина!“ – напишаа воздухопловните сили на Украина на социјалните мрежи.
Снимките и фотографиите од Кримскиот Мост објавени на социјалните мрежи се сведоштво дека делови од коловозот и железничката пруга паднале во водите под него.
„Крим, мостот, почеток. Сè што е нелегално мора да биде уништено, сè што е украдено мора да се врати во Украина, сè што е окупирано од Русија мора да биде протерано“ – напиша новинарот Михајло Подолјак, советник во Кабинетот на Зеленски.
Crimea, the bridge, the beginning. Everything illegal must be destroyed, everything stolen must be returned to Ukraine, everything occupied by Russia must be expelled. pic.twitter.com/yUiSwOLlDP
— Михайло Подоляк (@Podolyak_M) October 8, 2022
Мостот долг 19 километри е стратешки важен за руските сили, затоа што го поврзува рускиот регион Краснодар со полуостровот Крим, кој Кремљ го анектира во 2014 година.
Во интервју за Си-Ен-Ен во август, украинскиот генерал-мајор Дмитро Марченко изјави дека мостот е легитимна воена цел.
„Ова е неопходна мерка за да им се одземе (Русија) можноста да обезбеди резерви и да ги зајакне своите трупи од руска територија“, изјави генералот во интервју за украинските медиуми што го пренесе Си-Ен-Ен на 12 август годинава.
Дали ова е почеток на крајот на руската хегемонија и агресија против Украина, ќе покаже развојот на ситуацијата веќе во наредните неколку месеци.
Подготви: Џ. Д.