Почина инспиративниот професор по филозофија Стефан Сидовски – Сидо. Тој 36 години беше професор во гимназијата „Раде Јовчевски Корчагин“, а предаваше и како вонреден професор по историја на филм и теорија на филм во ЕСРА.
Беше режисер и глумец во своите аматерски филмови, а има и еден краткометражен професионален филм. Сидовски е познат како омилен и инспиративен професор, кој будеше филозофска и прогресивна мисла кај бројни генерации ученици.
Тој е автор на филмовите: Контејнер (2008). Полуден Револуционер (2015), Raison d’etre (2006), Средба (2014), Големиот оратор (2007), C’est la Vie (2016)…
Неговиот последен филм, објавен на Јутјуб, е насловен „Последното кафе“.
Неговите ученици веќе се збогуваат со него на социјалните мрежи.
„Еднаш, на еден час во Корчагин, кај една друга инспиративна личност зборувавме за Сидо. Разговорот беше за разликата професор и учител. Професорот ти споделува знаење, а од учител добиваш и образование.
Почивај во мир учителе! Никогаш нема да го заборавам времето поминато на час, Скопски филмски фестивал, Кинотека, на улица…“.
„Си замина најомилениот професор од Корчагин, што остави белег на многу генерации. Од времето не поттикнуваше на дебати и критичко размислување, предавањата му беа суштински и ретко кој сакаше брзо да завршат. Често и надвор од школо кога ќе го сретневме беше расположен за дискусии, дебати на различни теми. Единствениот професор кој сите не паметеше, и после многу години од матурирање, изменети, исти,остарени, подмладени, на сите ни викаше здраво каде и да не сретне. Поради него многу Корчагинци ја засакаа философијата како наука. Човек полн суштина. Таков беше Сидо. А суштината живее вечно. Спокојно и суштински лебди во универзумот професоре. Сите ќе те паметиме по добро ♡“.












