На дводневата посета на Малта премиерот Зоран Заев се сретна и со претставниците на Форумот за демократска Македонија во Малта, Игор Филевски, Живанка Витанова и Стево Ѓоргиев.
ФДМ изразија поддршка на Владата зарешавање на спорот со името и напорите за интеграција во НАТО и ЕУ. Покрај поддршката упатија и забелешки за дел од кадровските решенија, за нееднаквата родова застапеност на функциите и за „нерешените судбини на свиркачите”.
Зоран Заев, од своја страна изјавил дека секогаш ќе биде отворена за секоја конструктивна критика и ќе дејствува во подобрување на нејзината работа.
Заев посочил и на проблемите со кои се соочува Владата при реализирање на родовата еднаквост на функциите и настојувањето тој сегмент да биде подобрен во следниот период, па се` до начинот на кој ќе се решат испразнетите амбасадорски места.
Што се однесува до забелешката за непоставување амбасадори во одредени земји, Заев напомена дека во Малта наскоро ќе биде отворено конзуларно оделение, поради се` поголемиот број работници што доаѓаат за работа во оваа островска држава.
Што се однесува до прашањето за „свиркачите” премиерот посочил дека Владата прави се` за нивно згрижување за да го пребродат вакуум просторот создаден поради правните ситуации во кои се затекнати. ФДМ и натаму ќе бара решение од Владата поради суштинската улога на „свиркачите” во откривањето на корупцијата и злоупотребите на функциите од позиција на моќ.
По прашањето за решавањето на проблемот со Грција и евентуалниот Референдум, Заев ја образложил реалната и правната ситуација во однос на гласањето во дијаспора, од условите кои ги имаат иселениците за гласање според Уставот и Законите во овој момент, до опцијата за подобрување на можностите за правото на глас на иселениците.
Втората работна средба на Заев со ФДМ е закажана за денес попладне, по неговата средба со Премиерот на Малта и Претседателката на државата. На втората средба ќе бидат присутни и други претставници на здруженија кои се застапени на островот.
Б.Ј.