Дваесетдневната кампања за изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија закажани за 15 јули започнува денеска и ќе трае до 12 јули на полноќ, по што следува тридневен молк.
На предвремените парламентарни избори, според поднесените листи до ДИК, ќе учествуваат 15 коалиции и партии со 1.598 кандидати.
На првиот ден од 20-дневната изборна кампања, караванот на Коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ ќе биде во Струмица и Виница, Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ „За обнова на Македонија“ изборните активности ги почнува во Охрид, Скопје, Струмица и Тетово, а ДУИ со промотивна конвенција на кандидатите во Преспа.
Алијанса за Албанците и Алтернатива ќе ја отвори кампањата со презентација на програмата во својот глаев изборен штаб во Старата скопска чаршија, а ДПА со посета на гробот на Арбен Џафери и со презентација на платформата во Тетово.
Политичката платформа Македонски концепт тргнува во предизборна кампања од пред ЕУ Инфо центарот во Скопје, а ИНТЕГРА – Македонска конзервативна партија од Битола.
Партиите и коалициите кои ќе учествуваат на изборите, своите програми ќе можат да ги преставуваат до 12 јули во 24 часот кога завршува изборната кампања.
ЦИВИЛ ги повика сите политички партии да ја известуваат организацијата за настаните што ги организираат во рамките на изборната кампања.
А. П.