„Постои една анегдота која вели: кај нас политичките партии се делат на леви и десни во зависност од тоа која страна од мозокот не им работи. Претпоставувам дека коалицијата „Магла” сакајќи да покаже дека ѝ работат двете страни од мозокот решила да прави Граѓанско движење на центарот за да се држи до двете страни. Согласно вториот, неспоив, а навидум и смешен момент е дека две лево ориентирани политички партии за изборите ќе правеле Граѓанско движење на центарот.
Значи, две политички партии регистрирани согласно Законот за политички партии ќе глумат граѓанско движење. Чуму ова? Пологично ќе беше граѓани поединци или невладини организации да формираат граѓанско движење. Но политички партии да сакаат да бидат граѓанско движење сведочи дека или партиите останале без членство и општински организации и сакаат да се самораспуштат или навистина партииве се во збунка (кажано на велешки).
Да појаснам! Граѓанското општество не се однесува на приватната сфера на семејството, а во рамките на јавната сфера, граѓанските организации и движења се разликуваат од политичките партии поради тоа што не настојуваат да ја освојат (со исклучоци кога општеството се бори за политички промени во авторитарни режими), задржат и да партиципираат во власта, туку преку надворешен притисок влијаат врз истата, за остварување на предвидените цели. Оттука, граѓанското општество се јавува како посредник помеѓу граѓаните како индивидуи и политичките и административните структури на државата, став за кој пишува и големиот филозоф Хегел“.
Извадок од колумната „Сеење магла или изгубени во маглата!“, на Стевче Дечев, објавена на 20 јули 2021 година.
Рубриката ЦИТАТИ е простор каде што издвојуваме цитати од текстови, претежно објавени на медиумската платформа на ЦИВИЛ. Редакцијата е отворена кон сугестии од своите читателки и читатели. Содржините објавени во оваа рубрика се слободни за преземање од другите медиуми, под услови пропишани во лиценцата Creative Commons 4.0.