„За првпат во историјата на нашата земја се воведува полициски час. Од утре се забранува движење на населението од 21 до 6 часот секој ден, на цела територија на Македонија. Нема компромис кога се работи за здравјето и животот на граѓаните“, рече премиерот Спасовски на вонредното обраќање до јавноста.
Од оваа забрана се исклучуваат лица кои имаат итна потреба од здравствена услуга и се во животно-загрозувачка состојба. Полицијата има право да ги сопре сите возила, а итноста ќе се докажува со медицинските документи.
Директорите на Јавните здравствени установи ќе изготват список за вработените лица кои имаат потреба за движење за време на полициски час и ќе добијат пропусници.
Со оваа мерка не се опфатени припадниците на МВР, АРМ, пожарникарите и вработените во комуналната хигиена.
Владата исто така наложи да се намали бројот на дежурни аптеки, а за време на полицискиот час пристап до нив ќе имаат само лица кои извршиле медицински преглед.
Се забранува движење на возила на јавниот превоз од 21 до 6 часот. Се намалува бројот на патници во јавниот превоз, кои мора да користат заштитна опрема.
Се забранува собирање на повеќе од 5 лица во текот на 24 часа.
Директорите на фабриките се задолжуваат да го прилагодат работното време согласно полицискиот час.