Поранешниот грузиски претседател Михаил Саакашвили е осуден на дополнителни девет години затвор за наводна голема проневера на државни средства, одлучи Градскиот суд во Тбилиси, како што објави грузискиот сервис на РСЕ/Радио слобода на 12 март, пренесува Кијив индипендент.
Судијата Бадри Кохламазашвили го прогласи Саакашвили за виновен за злоупотреба на 9 милиони лари (околу 5,4 милиони долари во тоа време) од државниот буџет во периодот од мај 2009 до февруари 2013 година за лични трошоци, вклучувајќи луксузни хотели, козметички процедури и дизајнерска облека.
Теимураз Јанашиа, поранешен шеф на Специјалната гарда, исто така, беше осуден во случајот и казнет со 300.000 грузиски лари (108.000 долари) за злоупотреба на службената положба. И двајцата ги негираа обвиненијата, нарекувајќи го судењето политички мотивирано.
Саакашвили, претседател на Грузија помеѓу 2004-2007 и 2008-2013 година, се обиде да ја одведе својата земја на прозападен пат, но ги загуби изборите од партијата Грузиски сон, пријателска на Москва, неколку години по поразот во руско-грузиската војна во 2008 година.
Политичарот беше приведен по враќањето во Грузија во 2021 година, а моментално отслужува шест години затвор под обвинение дека наредил тепање на опозицискиот пратеник Валери Гелашвили во 2005 година.
Поранешниот претседател, долгогодишен критичар на рускиот претседател Владимир Путин, го обвини олиграхот Биџина Иванишвили, почесниот претседател на партијата Грузиски сон, дека го организирал неговото гонење по наредба на Москва.
Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) на 23 мај пресуди дека нема основа да се верува дека кривичната постапка на Саакашвили била неправедна.
Во февруари 2023 година, претседателот Володимир Зеленски рече дека грузиската влада го „убива“ Саакашвили откако се појавија фотографии на кои се гледа неговото влошено здравје и значително губење на тежината. Саакашвили има украинско државјанство и беше гувернер на областа Одеса меѓу 2015 и 2016 година.
Пресудата доаѓа по масовните протести во Тбилиси поради спорните резултати од изборите во октомври, со кои партијата Грузиски сон пријател на Кремљ ја задржа власта.
Од изборите, голем број западни земји воведоа санкции кон Грузија поради перцепираните демократски назадувања. Политичката криза се продлабочи откако премиерот Иракли Кобахидзе најави дека интеграцијата на Грузија во ЕУ може да се одложи до 2028 година.
Д. Мишев