УНДП заедно со пет општини во Македонија денеска потпишаа Меморандум за разбирање кои што ќе соработуваат во „Регионалната програма за локална демократија на Западен Балкан (ReLOaD). Меморандумот го потпишаа градоначалниците на општините Кавадарци, Струмица, Куманово, Ресен и Гостивар.
Раководителот на Секторот за соработка на Делегација на Европската унија, Никола Бертолини напомена дека Европската унија во голема мерка ја поддржува оваа агенда, го поддржува демократскиот развој на локалните власти, но исто така преку своите финансиски средства ги поддржува и другите активности на властите.
Постојниот претставник на УНДП во Македонија, Луиза Винтон целата оваа активност ја гледа во рамките на мотото кое што е во агендата за одржливи цели, а тоа е никој да не биде запоставен. Таа истакна дека оваа активност и овие цели ќе бидат симнати уште повеќе на локално ниво и на луѓето ќе им се даде поголема моќ да одлучуваат за работи кои нив им се важни на локално ниво, изјави Винтон.
Винтон кажа дека програмата се финансира од средства на Европската унија, како што кажа таа вкупниот износ кој е обезбеден за програмата е 845.000 евра, од тоа по 120.000 евра одат како грант за општините.
Таа изрази надеж дека и понатаму ќе се развие партнерството со општините, со кои веќе повеќе години соработуваат и со кои долго се познаваат.
Градоначалниците истакнале дека се многу задоволни за соработката со УНДП.
Целите на проектот се јакнење на партнерствата меѓу општините и граѓанското општество во Западен Балкан преку работење со општинските власти, со цел финансирање на граѓанските организации во согласност со локалните приоритети, како и креирање на платформа за вмрежување , која ќе им дозволи на општините и граѓанските организации во Западен Балкан да споделуваат искуства и научени лекции.
Б.Ј.