Членовите на Владата денеска го потпишаа Кодексот за етичко однесување на функционерите, со кој сите заменици министри, директори и јавни функционери именувани од Владата се обврзуваат дека го прифаќаат Кодексот, заради обезбедување почитување на уставноста, законитоста, професионалниот интегритет, ефикасноста, лојалноста, одговорноста и транспарентноста на Владата и на сите владини институции.
Премиерот Зоран Заев на денешната владина седница истакна дека потписот е нивна согласност дека ги прифаќаат сите највисоки етички принципи за заштита на човековите права и слободи при, вршење на нивните функции и должности во рамките на Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани согласно Уставот на Република Северна Македонија.
„Ќе ја оствариме неговата цел за јакнење на интегритетот на Владата, министерствата и другите органи на државната управа, како и на другите институции основани од Владата за да ја јакнеме доверата на граѓаните во нивната работа. Прифаќањето на кодексот е гаранција за граѓаните дека секој од нас ќе го даде својот личен придонес за издигнување на важноста на однесувањето на носителите на јавни функции, придружувајќи се до принципите на добро управување на највисоко политичко ниво“, истакна Заев.
Заев додаде дека со донесувањето на новиот Кодекс за етичко однесување и со прифаќањата на неговите одредби се исполнува и препораката на Греко за практично спроведување на Кодексот и насоките преку посебен механизам, воведување на мерки за санкции и започнување на системско подигање на на свеста за добро управување на лицата кои вршат највисоки извршни функции.
„Обврска на сите нас е преку нашето однесување постојано и секојдневно да се докажуваме дека го остваруваме јавниот интерес и општото добро и дека тоа го правиме исполнувајќи ги стандардите кои граѓаните ги очекуваат од нас. Кодексот е обврска да го практикуваме она што го говориме и јас искрено очекувам тоа најискрено и целосно тоа да го прави овој состав на оваа Влада“, истакна Заев.
Како одговорен за следење на спроведување е назначен Љупчо Николовски, заменик на претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки развој.
Николовски истакна дека новиот Кодекст не ги опфаќа само членовите на Владата и министрите туку и сите други функционери именувани и назначени од Владата, вклучувајќи директори на самостојни органи, директори и членови на одбори на јавни претпријатија, раководни лица во акционерски друштва во државна сопственост и сите останати именувани и назначени лица од Владата.
„Основната намена на Кодексот е обезбедување на отчетност и транспарентно работење на функционерите од целата извршна власт, односно градење на системот на интегритет и на добро владеење и управување. Во Кодексот се се пропишани основните принципи на однесување на носителите на јавни функции, но има и конкретни обврски за секој од нас“, истакна Николовски.
На секои шест месеци секој функционер доставува извештај за трошоците направени при извршувањето на неговите и нејзините јавни овластувања, истите ќе продолжат да се објавуваат на владината алатка за отчетност која ќе биде надградена за да ги опфати сите функционери, извршни позиции именувани од Владата согласно новиот Кодекс. Функционерите треба да ги објавуваат и сите податоци за својата работа, работата на институцијата на веб страницата, односно сите извештаи за работење, планови, ревизорски извештаи, списоци, листи на вработени, завршни сметки и останати документи.
„Сè што е од интерес на граѓаните кога станува збор за работење на институциите, финансирани од Буџетот. Доколку истото не се оствари се одговара согласно законот за слободен пристап до информации од јавен карактер но и се носи одговорност и пред самата Владата. Во спроведување на Кодексот ќе биде ангажиран за прв пат со засилени капацитети национален координатор за одговорно владеење и за транспарентност, како задолжен член на Владата за спроведување на Кодексот истиот дозволува да се изракуваат соодветни опомени односно санкции во случај на непочитување на одредбите од Кодексот а врз основа на мислење претседателот на Владата може да одлучи да примени некои од следните мерки: изразување на несогласување, односно официјална критика за за однесувањето на лицето кое не го почитувало овој Кодекс и укажување да го поправи своето однесување при што истото може и јавно да биде објавено, политичка одговорност односно барање за поднесување на оставка на носителот на извршната функција или предлог од премиерот за негово разрешување или покренување на иницијатива за информирање на надлежните институции и останати постапки“, истакна Николовски.
Според него, со овој Кодекст се отвора патот за градење на интегритет и добро управување, се сублимираат сите значајни правила на однесување и се олеснува одговорност. Нема да се толерира нетранспарентното работење и неодговорноста кон граѓаните.
А. П.