Со цел да се зајакнат институциите кои спроведуваат фер и ефикасни изборни процеси, со фокус на внатрешно демократизирани политички партии, чии политики и изборни програми се ориентирани кон граѓаните и нивните потреби, денеска претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев во име на Владата на РСМ потпиша Меморандум за соработка со швајцарската амбасадорка Сибил Зутер во име на Швајцарската агенција за развој и соработка за поддршка на изборната реформа во РСМ за периодот 2019-2023 година.
„Туку што го потпишавме Меморандумот за соработка во Програмата „Поддршка на изборните реформи во Северна Македонија” со Амбасадата на Швајцарија во Република Северна Македонија во име на Швајцарската агенција за развој и соработка.
Реформирањето на изборните процеси во согласност со демократските принципи и почитувањето на човековите права е приоритет на Владата. Поддршката од Швајцарската влада е исклучително важна за реализација на нашите заложби токму во овој дел. Основната цел на програмата е спроведување демократски и кредибилни избори, кои ќе овозможат политичко учество на гласачите преку избор на нивни претставници од кои ќе се бара отчетност.
Конкретно, програмата треба да резултира со зајакнати институции кои спроведуваат фер и ефикасни изборни процеси. Исто така, фокусот ќе биде на внатрешно демократизирани политички партии, чии политики и изборни програми треба да бидат ориентирани кон граѓаните и нивните потреби. Од друга страна, граѓаните ќе бидат подобро едуцирани и информирани за да бараат отчетност од политичките партии и избраните функционери.
Цел на Владата е да обезбеди одржливост во спроведувањето на овие цели. Оттука, по завршување на поддршката од Швајцарската влада предвидено за 2023 година, сите алатки и инструменти развиени преку програмата ќе бидат преземени од министерствата за да се користат и понатаму за истата намена.“, се вели меѓу другото во соопштението на Владата на Република Северна Македонија.