Стотици спасувачи се распоредени за да бараат исчезнати лица во централен Тексас, откако во ненадејните поплави загинаа 51 лице, вклучувајќи 15 деца, пренесува Би-би-си.
Најпогодена област е округот Кер, каде што загинаа 43 лица, а 27 деца се уште се водат како исчезнати од христијански младински камп лоциран покрај реката Гвадалупе.
„Работата продолжува и ќе продолжи сè додека не се пронајдат сите“, вети Лари Леита, шерифот на округот Кер.
Потврдени се и загинати во други делови од државата, вклучувајќи ги округот Травис и округот Том Грин.
Повеќекратни предупредувања за ненадејни поплави остануваат на сила во текот на викендот во централен Тексас.
Досега се спасени околу 850 лица.
На прес-конференција во сабота попладне, гувернерот на Тексас, Грег Абот, изјави дека потпишал проширена декларација за катастрофа за да ги зајакне напорите за пребарување.
Тој рече дека службените лица ќе бидат неуморни во обезбедувањето да се пронајде „секое лице кое било жртва на овој настан“, додавајќи дека „ќе престанеме кога работата ќе биде завршена“.
Голем дел од спасувањето е фокусирано на голем летен христијански камп за девојчиња наречен „Камп Мистик“, кој се наоѓа покрај бреговите на реката Гвадалупе.
Заменик-гувернерот на Тексас, Ден Патрик, изјави за програмата на Би-Би-Си во „Радио 4 ПМ“ дека многу од 27-те исчезнати девојчиња се „под 12 години“.
Почнаа да се појавуваат повеќе детали за починатите – некои биле на возраст од само осум години. Исто така, е потврдено дека сестрите Блер и Брук Харбер, кои имале 13 и 11 години, се меѓу починатите.
Во недела ќе се одржи посебна миса во католичката црква Нотр Дам за починатите или исчезнатите и нивните семејства.
Д. Мишев