Во Тетово се случи несреќа која однесе повеќе човечки жртви. До моментов се потврдени десет загинати во пожарот, но бројката може да порасне. Ова е многу тажен ден, изразувам најдлабоко сочуство до семејствата, напиша на твитер министерот Венко Филипче.
-Лекарите се борат за животите на повредените, да им посакаме среќа и да останеме со мислите со нашите сограѓани вечерва. Апелирам до медиумите и граѓаните да не се шпекулира со бројките. Сите потврдени информации навреме ќе ги споделиме, напиша Филипче.
Премиерот Зоран Заев изрази сочувство до семејствата за починатите во пожарот што избувна во Ковид центарот во Тетово, посака брзо оздравување на повредените и најави брзо утврдување на причините за пожарот за што, како што напиша на Фејсбук, веќе на терен работат правосудните органи.
– Огромна трагедија се случи во тетовскиот КОВИД-19 центар. Експлозија предизвикала пожар. Пожарот е изгаснат, но згаснаа и многу животи. Борбата за живот трае сѐ уште, a сите служби реагираа пожртвувано и спасуваат луѓе. Изразувам најдлабоко сочуство до семејствата и блиските на починатите и посакувам брзо закрепнување на повредените. Причините за пожарот ќе бидат утврдени, за што правосудните органи се веќе на терен. Ова е навистина трагичен настан и можам да ве уверам дека целиот државен врв е посветен на брзо разрешување на оваа ситуација. Во моментов трае кризниот штаб во Општина Тетово, напиша Заев на Фејсбук.

Поради пожарот во тетовскиот Ковид центар формиран е кризен штаб предводен од премиерот Зоран Заев, во кој се и Артан Груби, Љупчо Николовски, Венко Филипче, Оливер Спасовски, Фатмир Бесими, Крешник Бектеши и Теута Арифи.
Тројца обвинители од Основното јавно обвинителство во Тетово и двајца обвинители од Скопското јавно обвинителство се вклучени во увидот на модуларната болница во Тетово каде вечерва избувна пожар.
Пожарот избувна вчера околу 21 часот. Интервенирале преку 30 пожарникари со седум возила по што е целосно изгаснат.
-Екипите за три-четири минути пристигнаа на лице место со околу седум возила и над 30 пожарникари учествуваме од двете страни. Екипите кога пристигнаа, се беше во пламен. Тоа е внатрешно, не е надворешно. Се што е од наша страна употребено во 21 часот и 30 минути е локализиран пожарот. Во 21 часот и 45 минути е ликвидиран комплетно, изјави заменик-командирот на тетовската противпожарна единица, Сашо Трајчевски.
Градоначалничката на Тетово, Теута Арифи вечерва во изјава за медиумите посочи дека ќе се чекаат официјални информации за бројот на жртви и за целиот тек на истрагата. Дотогаш нема да се даваат изјави.












